Четврток, 12 декември 2013 година
Четириесет и четврта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство
Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на 44. седница, одржана вчера, како матично работно тело ги разгледа:
- Предлогот на закон за квалитет и безбедност на ѓубрива, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата (прво читање);
- Предлогот на закон за дополнување на Законот за идентификација и регистрација на животните (прво читање);
- Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храна (второ читање);
- Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за ловството (второ читање);
- Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија (второ читање);
- Предлогот на закон за консолидација на земјоделско земјиште (второ читање).
На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Зоран Коњановски, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
По Предлогот на законот за квалитет и безбедност на ѓубрива, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата и Предлогот на законот за дополнување на Законот за идентификација и регистрација на животните, г. Коњановски ја нагласи потребата за донесување, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законите.
По двата Предлог-закони, Комисијата едногласно усвои ист Заклучок:
- Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го разгледа Предлог-законите од гледна точка на потребата за донесување на законот, начелата врз кои треба да се заснова законот, основните односи што се уредуваат со законот и начинот на кој се предлага нивното уредување и согласно член 142, став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, оцени дека се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.
Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство како матично работно тело и Законодавно-правната комисија, ги разгледаа Предлогот на Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија, Предлогот на закон за изменување и дополнување на законот за безбедност на храната и Предлогот на закон за консолидација на земјоделско земјиште, и водеа претрес по амандманите поднесени од овластените предлагачи.
Во Дополнетиот предлог на закон за семенски и саден материјал за земјоделски растенија се вградени два амандмани, а во Дополнетиот предлог на закон за консолидација на земјоделско земјиште еден амандман, сите поднесени од пратеникот Малиша Станковиќ.
Во Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на законот за безбедност на храната е вграден амандманот поднесен од пратениците Панче Дамески, Малиша Станковиќ, Драган Цуклев, Ромео Тренов, Васко Пашовски, Бети Кузмановска и Реџаиљ Исмаили.
Претседателот на Комисијата, г-ѓа Ленче Николовска, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за ловството, не се поднесени амандмани. Без дискусија, Комисијата го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.