Понеделник, 2 декември 2013 година
Средба на координаторите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДСМ и ДПА со г. Роберт Валтер


Известителот на Комисијата за почитување на обврските и заложбите на земјите-членки на Советот на Европа (Mониторинг комисијата), г. Роберт Валтер, во посета на Собранието на Република Македонија, оствари одделни средби со координаторите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДСМ и ДПА.
На средбите со г-ѓа Силвана Бонева, г. Неџати Јакупи, г. Игор Ивановски и г. Имер Алиу, известителот Валтер пројави интерес за актуелната расправа по Буџетот на Република Македонија за 2014 година и работата на Работната група за имплементација на препораките од Извештајот на Комисијата за испитување на настаните во Собранието од минатогодишниот 24 декември.
Исто така, г. Валтер ја отвори и темата за претседателските избори, кои треба да се одржат напролет, можните кандидати за истите и политичката мотивираност за победа.


Координаторите, изразувајќи благодарност за посетата, го информираа гостинот дека во саботата заврши амандманската десетдневна расправа по Буџетот и ги изнесоа личните и ставовите на својата партија за Буџетот и во однос на Работната група и блокирањето на истата од опозицијата, како и очекувањата од претстојните претседателски избори.
Беа искажани мислења и за правата на Албанците во Република Македонија, употребата на албанскиот јазик, спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, потоа за слободата на медиумите и функционирањето на судството.
Беше истакнато дека за сите политички партии и за мнозинството граѓани, интеграцијата на Република Македонија во Европската унија и НАТО останува приоритет.