Петок, 2 декември 2011 година
Единаесетта седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија
Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија, на Eдинаесеттата седница, одржана на 30 ноември 2011 година, како матично работно тело, во прво читање ги разгледа:
- Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации;
- Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за радиодифузната дејност;
- Предлогот на законот за дополнување на Законот за домување.
На седницата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Тахир Хани, заменик-министер за транспорт и врски, кој во образложение на Предлог-законите ја нагласи потребата за донесување на законите, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законите.
Во дискусијата по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации, учествуваа пратениците: г. Благоја Стојановски, г-ѓа Билјана Казанџиска, г-ѓа Ленче Николовска и г. Емилијан Станковиќ.
Во дискусијата по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за радиодифузната дејност, учествуваа пратениците: г. Панче Орцев, г-ѓа Билјана Казанџиска, г-ѓа Дивна Јовковска-Ефтимоска, г. Благоја Стојановски, г. Сафет Бишевац, г. Оливер Спасовски, г-ѓа Весна Бендевска, г-ѓа Ленче Николовска, г. Самка Ибраимовски и г-ѓа Тања Томиќ.
На крајот, Комисијата со 6 гласа „за“ и 5 „против“ по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации - I читање, и 6 гласа „за“ и 3 гласа „против“ по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за радиодифузната дејност - I читање, оцени дека Предлог-законите се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.
Исто така, Комисијата го разгледа и едногласно оцени дека Предлогот на законот за дополнување на Законот за домување - I читање е прифатлив и дека треба да се даде на натамошно читање.