Активности



Петок, 14 февруари 2014 година, Виена

Учество на 13. Зимска сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ

На 13 и 14 февруари 2014 година, во Виена, Австрија, се одржува 13. Зимска сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ, на кое учествува пратеничката, г-ѓа Ана Павловска-Данева, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ПС на ОБСЕ). На оваа сесија учествуваат околу 270 парламентарци од 58 земји.

На вчерашното отворање на пленарната сесија, на којашто учествуваат членовите на трите генерални комитети на ПС на ОБСЕ, со воведни говори се обратија претседателот на австрискиот парламент, г-ѓа Барабара Прамер; претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, г. Ранко Кривокапиќ; генералниот секретар на ПС на ОБСЕ, г. Спенсер Оливер и посебно обраќање имаше претседателот на Претставничкиот дом на Авганистан, г. Абдул Рауф Ибрахими.

Во своето обраќање, г-ѓа Прамер ја нагласи важноста на вредностите на  ПС на ОБСЕ во поддршката на иницијативите на ОБСЕ за контрола на конвенционалното оружје, целосната имплементација на Акциониот план од Рим и за превенција на трговијата со луѓе.

На седницата на Постојаниот комитет на ПС на ОБСЕ, одржан денеска претпладне, во врска со писмото од страна на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, испратено до претседателот на ПС на ОБСЕ, г. Ранко Кривокапиќ, за учеството на оваа организација во набљудувањето на претседателските избори во нашата земја, шефот на нашата Делегација, г-ѓа Ана Павловска-Данева, ги покани и ги охрабри членовите да земат учество во процесот на набљудувањето на овие избори во април 2014 година, наведувајќи дека тоа ќе придонесе за доследна имплементација на измените на Изборниот законик.

Денеска попладне ќе се одржи заедничката сесија на трите генерални комисии на ПС на ОБСЕ на којашто ќе се обратат известителите г. Ламберто Заниер, генерален секретар на ОБСЕ и специјалниот претставник на ПС на ОБСЕ за родови прашања г-ѓа Хеди Фрај. Специјалната дебата на оваа сесија ќе се води за Подемот на екстремизмот, радикализмот и ксенофобијата: предизвици за регионот на ОБСЕ.

Click