Среда, 9 февруари 2011 година
Педесет и втора седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство
Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, вчера ја одржа својата 52. седница, на која како матично работно разгледа три Предлог-закони.
- По скратена постапка, Комисијата го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште.
На седницата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Перица Иваноски, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Претседавачот на Комисијата, г. Панче Дамески, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани по Предлогот на законот.
Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.
По дискусијата, Комисијата го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.
- Комисијата во второ читање го разгледа Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за шумите.
Претседавачот на Комисијата ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, поднесени се вкупно 9 амандмани по Предлогот на законот.
Комисијата ги разгледа и претресе поднесените амандмани, од кои 7 усвои, а 2 не усвои.
По расправата, Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство овој Предлог на закон го проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.
- Комисијата во второ читање го разгледа уште и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за ветеринарно здравство.
На седницата присуствуваше и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, г. Дејан Рунтевски.
Претседавачот Дамески ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, поднесени се вкупно 2 амандмани по Предлогот на законот.
Комисијата ги разгледа и претресе поднесените амандмани. Двата амандмани беа усвоени.
Врз основа на членот 149 став (2) од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство поднесе три амандмани на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за ветеринарно здравство и трите едногласно ги усвои.
По расправата, Комисијата овој Предлог-закон го проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.