Понеделник, 24 јануари 2011 година
Осумдесет и деветта седница на Комисијата за финансирање и буџет
Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Осумдесет и деветтата седница, одржана на 20 јануари 2011 година, како матично работно тело ги разгледа:
- Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за сметководството на непрофитните организации (во второ читање);
- Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за вршење услуги брз трансфер на пари (во второ читање);
- Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредит (во второ читање);
- Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за административните такси (во второ читање).
Со оглед на тоа што по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за вршење услуги брз трансфер на пари и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за сметководството на непрофитните организации, не беа поднесени амандмани, Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да ги разгледа и да ги донесе овие закони.
По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредит беа поднесени и усвоени два амандмани, додека во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за административните такси беше поднесен и усвоен еден амандман.
Комисијата едногласно заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредит и Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за административните такси.