Вторник, 21 јануари 2014 година
Презентирани приоритетите и програмата на грчкото претседателство со Советот на ЕУ
Комисијата за европски прашања во Собранието на Република Македонија ја одржа 50. седница, на која беа презентирани приоритетите и програмата за работата на претседателството на Република Грција со Советот на Европската унија во периодот јануари - јуни 2014 година, од старана на амбасадорот на Република Грција во Република Македонија, Н.Е. Харис Лалакос.
На седницата беа поканети и членовите на Комисијата за надворешна политика, Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, Националниот совет за евроинтеграции, како и претставници на амбасадите на земјите-членки на Европската унија во Република Македонија.
Покрај претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Хајрула Мисини, на седницата присуствуваа и земаа збор: претседателот на Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, г. Кенан Хасини; потпретседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Силвана Бонева; претседателот на Комисијата за надворешна политика, г. Антонио Милошовски; заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, г. Фатмир Бесими и Н.Е. Аиво Орав, шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.
Господин Мисини, кој ја отвори и претседаваше со седницата, во своето воведно излагање го поздрави присуството на амбасадорот Лалакос.
Амбасадорот Лалакос во своето излагање изрази задоволство за упатената покана, продолжување на практиката за презентирање на приоритетите и програмата на претседателство со Советот на ЕУ, петто за Грција, воедно ги запозна присутните со историската и моменталната состојба на Грција, како на политичко, така и на економско поле.
Тој истакна дека во фокусот на шестмесечното претседавање на Грција со Советот на ЕУ, под мотото „Европа наша заедничка задача“, ќе бидат следниве четири приоритети:
- раст и создавање на работни места;
- интеграција во ЕУ и ЕУ зони;
- граници, мобилност и миграција;
- сеопфатната поморска политика на ЕУ.
Господин Мисини ја истакна нашата определба за членување во евроатлантските организации, како и проблемот поради кој веќе петта година по ред не можеме да ги отпочнеме преговорите за ЕУ членство.
„Морам да признаам дека малку ми е контрадикторно за една земја како Грција, која секогаш била мотор на европското проширување и силно верувала во потребата Унијата да се прошири со зачленување на балканските држави, и тоа уште од времето на промовирањето на Солунската агенда во 2003, па се до последната Ваша иницијатива - Агендата 2014, сега кога е земја претседавач со Унијата, во своите врвни приоритети да не биде токму проширувањето“ - посочи г. Мисини.
Господин Фатмир Бесими упати честитка до грчкото претседателство, посакувајќи им успех во реализација на нивните приоритети, на наше заедничко ЕУ семејство.
На Комисијата свои излагања има и пратениците: г. Гордан Георгиев, г-ѓа Лилјана Поповска и г. Александар Спасеновски.