Петок, 25 јануари 2013 година
ПРИОРИТЕТИ НА ИРСКОТО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО СО СОВЕТОТ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА
Во Програмата на Ирското претседателство со Советот на Европската унија кое го опфаќа периодот од 1 јануари до 30 јуни 2013 година, поставени се законодавните активности и главните приоритети:
- - обезбедување на стабилност;
- - инвестирање во одржлив раст и вработувањата и
- - Европа и светот.
За Ирското претседателство особено важно ќе биде да се воспостават цврсти темели на економската и монетарната стабилност. Темелите се утврдени преку последователните состаноци на Европскиот совет, особено за банкарската унија, процесот на Европскиот семестар како и следната фаза од реформата за Економска и монетарна унија што беше утврдено на декемврискиот состанок на Европскиот совет во 2012 година.
Во фокусот на Европската унија е создавањето на нови работни места и обезбедување на одржлив раст. Следната фаза од заздравувањето на Европа, мора да го вклучува Единствениот пазар на иднината, вклучително и Единствениот дигитален пазар како и да се одржи вниманието на следната генерација преку справување со невработеноста кај младата популација. Што е можно поскоро ќе треба да се постигне договор за Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2014-2020.
Ирското претседателство ќе обезбедува активна поддршка на Високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика, на Европската служба за надворешна акција, со цел зајакнување на ефикасноста и кохерентноста на надворешната политика на Унијата, како и да се одговори на главните предизвици.
Со Лисабонскиот договор институционализирано е т.н. трио претседатество, што подразбира дека три последователни претседателства со ЕУ заеднички ќе работат на 18 месечна политичка програма. На овој начин се обезбедува високо ниво на конзистентност и координација во работата на ЕУ. Ирска е дел од трио програмата со Литванија и Грција, која го опфаќа периодот од јануари 2013 до јуни 2014 година и истата беше презентирана на Советот за општи прашања на ЕУ одржан на 11 декември 2012 година. Една од целите на програмата е и обезбедување на континуиран моментум на агендата за проширувањето.
За повеќе информации на официјалната веб странa на Ирското претседателство со Советот на ЕУ: http://eu2013.ie/