Четврток, 23 јули 2009 година
ЈАВНА РАСПРАВА ПО РАБОТНАТА ВЕРЗИЈА НА ЗАКОНОТ ЗА КРИВИЧНА ПОСТАПКА И ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК
Националниот совет за евроинтеграции на 22 јули 2009 година организираше Jавна расправа по работната верзија на Законот за кривична постапка и Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.
Образложение за причините за донесување на законите и објаснување на содржината на одредбите даде министерот за правда Михајло Маневски.
Учесниците на јавната расправа ја поздравија иницијативата на Националниот совет за организирањето на јавната расправа, а во текот на истата се изнесоа предлози и забелешки во насока на подобрување на одредбите на законите.
На јавната расправа со свои дискусии, предлози и коментари по работната верзија на законот за кривична постапка учествуваа Силвана Бонева потпретседател на Националниот совет за евроинтеграции, Џевад Адеми и Флора Кадриу членови на Советот, Иџет Мемети Народен правобранител, пратениците Владо Бучковски и Павле Трајанов, и претседателot на Апелациониот суд Скопје Јордан Митриновски.
Во дискусијата по Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик со свои дискусии и предлози учествуваа Јордан Митриновски претседател на Апелациониот суд Скопје, Флора Кадриу и Александар Николовски членови на Националниот совет за евроинтеграции.
Јавната расправа претставуваше можност заинтересираните субјекти да изнесат согледувања за состојбите во државата во областа на водењето на кривичната постапка и практичната примена на Кривичниот законик. Имајќи го предвид значењето на реформата на казненото право, со новите решенија во законот за кривична постапка и измените и дополнувањата на Кривичниот законик како и нивната доследна имплементација, казнено правниот систем во Република Македонија треба да стане поефикасен, да се зајакнат капацитетите за борба против криминалот и гарантирање на заштита на правата и слободите на граѓаните.
Одделот за владеење на правото при Набљудувачката Мисија на ОБСЕ во Скопје, пред почетокот на јавната расправа, доставија забелешки на работната верзија на законот за кривична постапка.