Понеделник, 23 јули 2012 година
ПРЕДЛОГ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗА ОЛЕСНУВАЊЕ НА ЛИЦЕНЦИРАЊЕТО НА МУЗИЧКИТЕ ДЕЛА ВО ЕДИНСТВЕНИОТ ПАЗАР НА УНИЈАТА
Со новите дигитални технологии се отвораат големи можности за авторите, потрошувачите и бизнисите. Зголемената побарувачка за online пристап до културни содржини (книги, музика, филмови) не признава граници и ограничувања.
Европската комисија на 11 јули годинава усвои Предлог на директива за управување со колективните права и мулти-територијално лиценцирање на авторските права на музички дела за онлајн користење во Внатрешниот пазар на Унијата. Целта на новата директива е да се создаде подобра правна рамка за управување со колективните права за носителите на правата: авторите, изведувачите, производителите, како и да се обезбеди подобрување на стандардите, транспарентноста и финансиското управување.
Клучни елементи на предложената директива се следните:
- да се промовира поголема транспарентност, да се подобри управувањето на колективните здруженија преку зајакнување на обврските за известување и контрола на активностите на носителите на правата, како и да се стимулираат иновативни и поквалитетни услуги,
- да се поттикне и да се олесни мулти-територијалното и мулти-репертоарното лиценцирање на правата на авторите на музички дела за online користење.
Со новиот предлог, во праксата ќе се обезбеди подобра заштита на интересите на носителите на правата и зголемување на пристапот до културните содржини за потрошувачите. Со новите правила за подобрување на управувањето со репертоарот, побрза исплата на членовите, годишен извештај за транспарентност и дополнителни информации кои ќе се обезбедуваат директно од носителните на правата и бизнис партнерите, ќе се промени начинот на работа на колективните здруженија во Европа.
Колективните здруженија дејствуваат како посредници помеѓу носителите на правата во музичката индустрија, но исто така и за други уметнички форми (книги, филмови). Во Унијата постојат околу 250 колективни здруженија кои годишно управуваат со приход од околу 6 милијарди евра. Земјите-членки ќе треба да воспостават механизми за решавање на споровите меѓу колективните здруженија и носителите на правата. Подобрените стандарди и процедури треба да обезбедат подобро функционирање на колективните здруженија и зголемување на довербата за нивните активности.
Предложената директива е во насока на дополнување на Единстениот пазар за интелектуална сопственост и е дел од Стратегијата на Европската комисија за интелектуална сопственост за 2011 година.
За повеќе информации на следниов линк:
http://ec.europa.eu/internal_market/top_layer/intellectual-property/index_en.htm