Среда, 20 јуни 2012 година
Шеснаесетта седница на Комисијата за образование, наука и спорт
Комисијата за образование, наука и спорт на Собранието на Република Македонија, на 16. Седница, одржана на 18 јуни 2012 година, во прво читање ги разгледа:
- Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование;
- Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование.
Образложение по Предлог-законите даде заменикот на министерот за образование и наука, г. Сафет Незири.
По Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование, г. Незири ги изнесе нормативните решенија кои имаат за цел модернизација на воспитно образовната дејност во основните училишта.
Со предложениот закон се дефинира: водењето на базата на податоци, односно кои лични податоци за вработените, учениците и нивните родители ќе се внесуваат и обработуваат; остварувањето на правото на бесплатен превоз; начинот на спроведување на екстерното проверување на знаењата на учениците чии резултати ќе бидат база за кариерен напредок во повисоки звања на наставниците, како и висината на нивните плати.
Заменик-министерот за образование и наука во образложението на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование, ги изнесе нормативните решенија со кои дефинираат: водењето на базата на податоци, односно кои лични податоци за вработените, учениците и нивните родители ќе се внесуваат и обработуваат; остварувањето на правото на бесплатен превоз; доуредување на начинот на стекнување на статус на вонреден ученик како можност за стекнување на задолжително средно образование; начинот на спроведување на екстерното проверување на знаењата на учениците чии резултати ќе бидат база за кариерен напредок во повисоки звања на професорите, како и висината на нивните плати.
Во дискусијата по Предлог-законите учествуваа пратениците: г. Николче Ацевски, г. Митре Велјаноски, г. Димитар Стевананџија, г. Диме Маџовски и Александар Спасеновски.
Комисијата врз основа на член 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, со седум гласа „за" и три „воздржани" констатираше дека Предлог-законите се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.