Среда, 20 јуни 2012 година
Дваесетта седница на Комисијата за европски прашања
Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, на вчерашната 20. седница, во прво читање ги разгледа:
- Предлог на закон за изменување на Законот за судовите;
- Предлог на закон за изменување на Законот за идентификација и регистрација на животните.
На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г-ѓа Билјана Бришковска-Бошковски, заменик-министер за правда, која даде образложение за потребата од донесувањето на законот, од аспект на неговата усогласеност со правото на Европската унија.
Во расправата учествуваа: пратеникот г-ѓа Станка Анастасова и заменик-министерот за правда, г-ѓа Билјана Бришковска-Бошковски.
Во однос на Предлогот на закон за изменување на Законот за идентификација и регистрација на животните, г. Тони Керанџиски, раководител на Сектор во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ја образложи потребата од донесувањето на законот, од аспект на неговата усогласеност со правото на Европската унија.
Во расправата по Предлог-законот учествуваше и пратеникот г. Панче Орцев.
Комисијата со седум гласа „за" и еден „воздржан" по Предлогот на законот за изменување на Законот за судовите и девет гласа „за" и еден „воздржан" по Предлогот на законот за изменување на Законот за идентификација и регистрација на животните, му предложи на Собранието на Република Македонија дека Предлог на законите се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.