Вторник, 12 јуни 2012 година
ДЕВЕТТА СЕДНИЦА НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ
Националниот совет за евроинтеграции денеска ја одржа својата Деветта седница на која се разгледа Претпристапната економска програма за периодот 2012-2014 година. Претпристапната економска програма 2012-2014 (ПЕП 2012-2014) беше презентирана од страна на претставникот од Министерството за финансии, г-ѓа Анита Поповска, координатор за ПЕП 2012-2014. Во воведно образложение за тоа што претставува овој документ, беше нагласено дека подготовката на програмата е обврска што Република Македонија ја има преземено од 2005 година, кога ѝ беше доделен статус на земја-кандидат за членство во Европската унија.
Претпристапната економска програма е подготовка на земјите-кандидати за понатамошна координација на економската политика, а воедно е и претходник на програмите за конвергенција кои земјите-членки ги подготвуваат во рамките на Пактот за стабилност.
Госпоѓа Поповска потенцираше дека основната цел на ПЕП 2012-2014 е да се стави акцент на исполнување на економските критериуми за членство во Унијата, но воедно и да го развие аналитичкиот капацитет на администрацијата.
Од страна на г-ѓа Поповска беше истакнато дека е добро кога ќе се подготвува следната Претпристапна економска програма, Националниот совет за евроинтеграции да учествува во фазата пред нејзиното донесување, со цел предлозите, забелешките и коментарите по нацрт-верзијата да имаат поголемо значење и позитивно да влијаат на подобрување на финалниот текст на програмата.
Во расправата на седницата учествуваа: г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции; г. Антонио Милошоски, член на Советот и претседател на Комисијата за надворешна политика; г.Кенан Хасипи, член на Советот и копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ; г.Тито Петковски, член на Советот и г-ѓа Тања Хафнер Адеми, претставник на Граѓанската платформа на Македонија.
На истата седница, Националниот совет за евроинтеграции со консензус усвои заклучоци од јавната расправа по Предлог-стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор 2012-2017 година, одржана на 27 февруари 2012 година, како и заклучоци од јавната расправа по работниот текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина, одржана на 13 март 2012 година.
Националниот совет за евроинтеграции го усвои и Извештајот за работата на Советот за периодот од 1 септември 2011 до 31 декември 2011 година.
дневен ред
записник