Четврток, 17 март 2012 година
Јавна расправа за третманот на маргинализираните заедници во јавната комуникација
Комисија за еднакви можности на жените мажите на Собранието на Република Македонија во соработка со Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници", одржа јавна расправа на тема: Третманот на маргинализираните заедници во јавната комуникација.
Покрај членовите и заменик-членовите на Комисијата, на јавната расправа присуствуваа и пратеници на Собранието на Република Македонија, претставници на институциите, невладините и меѓународните организации, како и претставници на дипломатските претставништва во земјава.
На расправата свои излагања имаа г. Душко Миновски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на тема: Постапување на Комисијата по основ на дискриминација на маргинизираните задници; г. Славчо Димитров, извршен директор на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ на тема: Презентирање на искуства и сознанија поврзани со говорот на омраза насочен кон маргинализираните заедници; прим. д-р Славица Гајдазис-Кнежевиќ, невропсихијатар, субспецијалист по болести на зависност, на тема: Штетните влијанија на говорот на омраза, стигматизирачкиот и дискриминаторски говор врз развојот на личноста кај припадниците на маргинализираните заедници; проф. д-р Јован Донев, директор на Институтот Евро-Балкан, Скопје, на тема: Демократското и политичко значење на борбата за правата на маргинализираните заедници и г-ѓа Елизабета Божиновска, програмски координатор за ХИВ на ХЕРА - Асоцијација за здравствена едукација и истражување, на тема: Повеќекратна дискриминација на лицата кои живеат со ХИВ.
По исцрпната дискусија во која се вклучија пратеници и претставници на невладиниот сектор, беше донесен следниот заклучок:
- Комисијата за еднакви можности на жените и мажите ги поддржува и поттикнува активностите на Комисијата за заштита од дискриминација во насока на спречување и заштита од дискриминација од лицата на маргинализираните заедници, убедена дека Комисијата ќе остане отворена за сите појави на дискриминацијата;
- Комисијата ги осудува сите појави на говорот на омраза кон маргинализираните заедници и повикува на толеранција, разбирање и прифаќање на различностите кај сите наши граѓани, почитувајќи го правото на избор како човеково право;
- КЕМ ги поттикнува сите институции и поединци да се борат против стереотипите и предрасудите во општеството кои можат да бидат основа за дискриминација и да ја спречат потрагата по среќа на секој наш граѓанин;
- КЕМ ги почитува различните ставови во општеството и правото тие да бидат искажани од секој поединец без штетни последици по него;
- КЕМ ја поздравува волјата на институциите и поединците за унапредување на третманот на ХИВ/СИДА;
- КЕМ сугерира вклучување на темата за маргинализирани заедници во разни дебати во Собранието;
- КЕМ во склад со своите претходни заклучоци сугерира сеопфатно сексуално образование што ќе придонесе од ослободување од стигмата, предрасудите и стереотипите;
- КЕМ ќе продолжи и понатаму силно да се залага за промоција на политиките на не дискриминација и на унапредување на демократските процеси во земјата.