Петок, 18 март 2011 година
Шеесет и четврта седница на Комисијата за труд и социјална политика
Комисијата за труд и социјална политика на Собранието на Република Македонија, на Шеесет и четвртата седница одржана на 17 март 2011 година, како матично работно тело го разгледа:
- Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за социјална заштита, по скратена постапка
Заменикот на министерот за труд и социјална политика, г. Спиро Ристовски, ги образложи предложените измени и дополнувања и воедно изрази задоволство во однос на прифатливоста на Предлог-законот од страна на пратениците.
Пратеникот г-ѓа Виолета Ташева, изрази благодарност до Владата и до Министерството за труд и социјална политика, за исполнување на барањата предложени од страна на Сојузот на слепи лица на Република Македонија и воедно препорача да продолжи соработката помеѓу Сојузот на слепи лица и Министерството за труд и социјална политика.
Измените на овој закон се од големо значење и претставуваат голем чекор за лицата со физичка и ментална попреченост, како и за лицата без родители и слепите лица - истакна пратеникот г-ѓа Дарка Петрушевска.
Поддршка на предложениот текст на законот, изрази и претседателот на Комисијата, пратеникот г. Илија Китаноски.
По расправата, Комисијата за труд и социјална политика Предлог-законот го проследи во натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.