Петок, 25 март 2011 година
Македонија да продолжи на патот на парламентарната демократија
Претседателот на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со парламентот на Република Турција, г. Кенан Хасипи и членовите: г. Цветко Грозданов, г. Андреј Жерновски, г. Авдија Пепиќ и г. Назиф Буши, денеска остварија средба со министерот за европски прашања и главен преговарач на Република Турција, г. Егемен Багиш.
Во состав на турската делегација беа и: Н.Е Гурол Сокменсуер , вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Турција во Република Македонија и г. Халук Иличак, амбасадор, генерален секретар за прашања на ЕУ.
На средбата, г. Хасипи го поздрави присуството на турската делегација, и изрази огромна благодарност што претставници на извршната власт на Турција остваруваат средба со Пратеничка група за соработка во Парламентот на Република Македонија, давајќи ѝ со тоа поголемо значење на парламентарната демократија.
Претседателот Хасипи ги посочи добрите и стабилни односи помеѓу овие две пријателски земји, кои ги карактеризира висок степен на толеранција и разбирање. Воедно, тој потсети дека Република Турција прва ја призна независноста и суверенитетот на Република Македонија и се залага за употреба на нејзиното уставното име во сите меѓународни платформи, прва отвори амбасада во Република Македонија и назначи свој амбасадор, а силната и несебична поддршка дојде до израз и за време на Самитот во Букурешт.
Министерот за европски прашања и главен преговарач на Република Турција, г. Егемен Багиш, истакна дека голема одговорност е да се биде присутен во пријателска и братска земја како Република Македонија, во Парламентот којшто е израз на волјата на народот на Македонија, изразувајќи свое лично задоволство што во Парламентарната група за соработка се застапени сите политички партии, како што е и случајот со Парламентарната група за соработка во Големото народно собрание на Република Турција.
Тој додаде дека признавањето на независноста и отворањето на амбасадата, е чекор со кој се гордее Република Турција и дека во иднина ќе продолжи да ѝ дава целосна поддршка на Република Македонија во сите меѓународни платформи, земајќи ги предвид истите проблеми со кои се соочуваат двете земји на патот кон интеграцијата во ЕУ и НАТО.
Освен политичката соработка, овие две земји ги карактеризира и соработка во полето на одбраната, внатрешните работи, здравството, спортот, итн. Република Турција, исто така, е значаен трговски партнер, котирајќи високо помеѓу првите десет земји кои имаат огромна трговска размена со Македонија, а голем број на историски споменици во земјава се показател за силните културни и историски врски меѓу двете земји и нивното зачувување е од огромно значење.