Вторник, 22 март 2011 година

Седница на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа

Од 22 до 24 март во Стразбур, ќе се одржи 20. седница на Конгресот на локалните и регионални власти на Советот на Европа, во текот на која ќе се одржи дебата за реформите на Советот на Европа и улогата на Конгресот.

Локалните и регионалните размери на човековите права ќе бидат во фокусот на денешната дискусија, а исто така ќе стане збор и за положбата на Ромите во Европа.

Меѓу другото, на тридневната седница во Дворецот на Европа, ќе се зборува и за засилување на соработката со Европската унија, а на дневниот ред ќе се најдат и извештаите за состојбата на локалната демократија во Малта, регионалната и локалната демократија во Турција, Австрија и Романија, како и извештајот од набљудувањето на општинските избори во Украина на 31 октомври 2010 година.

Исто така, ќе има и дебати за меѓурелигиозниот и меѓукултурниот напредок на локално ниво, улогата на регионалните омбудсмани, енергијата и енергетската ефективност на регионално ниво, Европската седмица на локална демократија, заштитата на градовите од елементарни непогоди и за регионите со посебен статус.



Понеделник, 21 март 2011 година

Меѓународен ден против расната дискриминација

Денеска, на 21 март, се одбележува Меѓународниот ден против расната дискриминација. Советот на Европа е решен да ја продолжи својата работа на ова поле, преку сите средства со кои располага, со цел никој да не биде изложен на дискриминација или омраза по расна основа, по боја на кожа, пол, јазик, религија, потекло и слично



Среда, 16 март 2011 година

Европарламентот ја усвои Предлог-резолуцијата за напредокот на Македонија

Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, со 49 гласа „за“, 7 „против“ и 3 „воздржани“, попладнево ја усвои Предлог-резолуцијата за напредокот на Македонија, подготвена од словенечкиот европратеник, г. Зоран Талер.

Беа постигнати 14 компромисни амандмани за новиот текст на Резолуцијата, усвојувајќи уште околу 50 други амандмани од вкупно поднесените 152.

Клучната препорака во Резолуцијата е Македонија што побрзо да започне преговори за членство во Европската унија.

„Наша цел е Македонија да ѝ се приклучи на ЕУ во блиска иднина. Затоа Европскиот парламент препорачува пристапните преговори да почнат веднаш, што двапати беше потврдено и побарано и од Европската комисија“, изјави европратеникот Талер. 

Во Резолуцијата, исто така, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, г-ѓа Кетрин Ештон и комесарот за проширување, г. Штефан Филе, беа повикани поактивно да се ангажираат за наоѓање решение во спорот за името со Грција. 

Во еден од компромисните амандмани, се инсистира „двете страни да ги разрешат билатерланите проблеми  во духот на добрососедството, водејќи  сметка за општиот интерес на ЕУ“.

Конечниот текст на документот ќе биде објавен наскоро од службите на Европскиот парламент, откако ќе бидат проверени резултатите од денешното гласање.

По изгласувањето во Комисијата за надворешни работи, Резолуцијата за Македонија ќе биде ставена на пленарната седница на Европскиот парламент, закажана за во април, во Стразбур.



Среда, 16 март 2011 година

Нацрт-резолуцијата за напредокот на Македонија на амандманска расправа во Европскиот парламент

Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, денеска во Брисел, ќе расправа за 152 амандмани поднесени по Нацрт-резолуцијата за напредокот на Република Македонија, предложена од словенечкиот европратеник, г. Зоран Талер.



Среда, 9 март 2011 година

Европарламентот усвои Резолуции за Ромите, за Турција и Црна Гора

На пленарната седница на Европскиот парламент, која се одржува од 7 до 10 март во Стразбур, денеска, меѓу другото, беа усвоени Резолуции за Ромите, за Турција и Црна Гора



Вторник, 8 март 2011 година

Сто години празник на жената

Денеска се слави 100-годишнината на Меѓународниот ден на жената. 8 Март е глобален ден на кој се празнуваат економските, политичките и општествените постигнувања на жените и борбата за рамноправност со мажите.

Свое обележје на Меѓународниот ден на жената веќе неколку дена дава и Европскиот парламент, преку настани на кои се дискутира за нееднаквоста меѓу половите, сиромаштијата на жените, разликите во платата, пристапот до работни места, како и мајчинското прашање.

Денеска во Европарламентот се расправа по два извештаи, на теми: „Рамноправноста меѓу мажите и жените“ и „Лицето на сиромашната жена во Европската унија“.

Инаку, првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД, а следната година е одржана Првата меѓународна конференција на жените во Копенхаген, на која е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената. На 19 март 1911 година, овој празник за прв пат е прославен во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија.

За разлика од минатото, денеска жените имаат остварено голем напредок во рамноправноста, но има уште многу да се постигнува на повеќе полиња.


 



Понеделник, 7 март 2011 година

Пленарна седница на Европскиот парламент

Последните случувања во јужното соседство на Европската унија и посебно во Либија, вклучувајќи ги и неодамнешните санкции од Советот за човекови права на ООН, како и актуелната состојба на блискоисточниот мировен процес, ќе бидат во фокусот на стартот од пленарната седница на Европскиот парламет, која започнува денеска, а ќе трае до 10 март во Стразбур



Четврток, 3 март 2011 година

Европарламентот го одбележува Меѓународниот ден на жената

Со низа настани на кои ќе се потенцираат досегашните економски, политички и социјални достигнувања на жените, Европскиoт парламент од 3 до 8 март во Брисел и Стразбур ќе го одбележи Меѓународниот ден на жената. Ќе се обрне внимание и на нееднаквоста меѓу половите која сè уште постои, сиромаштијата на жените, разликите во платата, пристапот до работни места, како и мајчинското прашање

Click