Среда, 2 октомври 2013 година, Стразбур
Билатерална средба на македонската со канадската делегација
За време на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која се одржува од 30 септември до 4 октомври, во Стразбур, делегацијата на Собранието на Република Македонија предводена од шефот на делегација, г. Александар Николоски и членот на делегацијата, г. Игор Ивановски, оствари билатерална средба со делегација на Канада, предводена од пратеникот г. Лаурн Ховн и членовите г. Дон Доусон, г. Грант Мичел, г. Мичел Ривард, г. Бен Шипсли и г. Шон Кејси.
На средбата се зборуваше за унапредување на соработката меѓу двете земји во повеќе области како што се образованието, економијата и меѓупарламентарната соработка.
Двете страни ја потенцираа важноста на соработката во рамките на меѓународните организации, а посебно во рамките на НАТО, при што од македонска страна беше поздравен ставот на канадската Влада за промена на процедурата за одлучување во НАТО по принципот „консензус минус еден", што е можност за членство на Македонија во Алијансата. Шефот на македонската делегација, г. Николоски, ги замоли канадските пратеници за ова прашање да разговараат во канадскиот Парламент, како и со пратениците на другите земји-членки на НАТО. 
На состанокот пратениците се заблагодарија за признавањето на Република Македонија од страна на Канада под уставното име во 2007 година, и најавија понатамошно продлабочување на билатералните односи со конкретни мерки и проекти.
На средбата се разговараше и за значајната улога која ја игра македонската дијаспора во Канада, како и можноста дијаспората да е мост за поголема и подобра соработка на политичко и економско поле помеѓу двете држави, при што како позитивен пример беше спомената иницијативата Македонија 2025, која ги поврзува бизнисмените од Македонија со бизнисмените од Канада и САД, со цел поголеми директни инвестиции во Македонија.