Сабота, 12 октомври 2013 година, Кабул
Државна делегација ги посети македонските мировници во Авганистан


Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, со министерот за одбрана на Република Македонија, г. Талат Џафери и пратеникот во Собранието на Република Македонија, г. Оливер Спасовски, како членови на државната делегација, по повод државниот празник 11 Октомври - Ден на народното востание, ги посетија македонските мировници распоредени во Мисијата ИСАФ, во Авганистан.
Државната делегација оствари средби со заменик-командантот на силите, генералот-потполковник Џон Лоример и со најстариот цивилен претставник на НАТО во Авганистан, амбасадорот Мауриц Јохемс, како и со министерот за одбрана на Авганистан, Бисмила Кан Мохамади. На средбите соговорниците разговараа за придонесот на Република Македонија во рамките на силите ИСАФ, како и можностите за иден придонес во рамки на мисијата на Алијансата по 2014 година, во поддршка на процесите за стабилизирање и демократизација на земјата.


Претседателот Вељаноски, пратеникот Спасовски и министерот Џафери, при посетата на припадниците на македонскиот контингент во ИСАФ, на дело ги увидоа вештините, знаењата и професионалноста во извршувањето на задачите, ги поздравија македонските мировници и порачаа дека тие, со сето она што го прикажуваат, ја креираат сликата за Армијата на Република Македонија, со што несомнено стануваат најдобрите амбасадори на Република Македонија во меѓународната заедница.