Вторник, 25 октомври 2011 година
Јавна расправа на тема: Предлог-закон за еднакви можности на жените и мажите
Клубот на пратенички на Собранието на Република Македонија во соработка со Националниот демократски институт НДИ денеска одржа јавна расправа на тема: Предлог-закон за еднакви можности на жените и мажите.
На јавната расправа учествуваа претставници на Министерството за труд и социјална политика и на невладиниот сектор кои се занимаваат со родови прашања.
Од работата на јавната расправа произлегоа доста заклучоци, меѓу кои имаше и конкретни предлози: член 9, став 5 да се прошири со: ‘соработката со координаторите и комисиите за еднакви можности формирани во единиците на локалната самоуправа’; член 11, став 4 да се измени така што ќе се дефинира професионалната позиција/профилот на определениот координатор, па затоа се предлага текстот да биде: ’Органите на државната управа се должни да определат службено лице-координатор од раководни државни службеници и заменик-координатор, кои ќе ги координираат работите од надлежност на државниот орган, за воспоставување на еднакви можности’; член 12, став 1 да се прошири со: ’Соработува со здруженија на работодавачите, синдикатот и здруженијата активни на полето на еднаквите можности со цел да обезбедат предлози и мерки за постигнување на целта на законот’; член 14, став 6 да се прошири со: ’Соработува со Комисијата за еднакви можности на жените и мажите при собрание (од член 9 став 4)’, ’соработува со здруженијата на работодавачите, синдикатот, месни и урбани заедници и здруженијата активни на територија на локалната самоуправа на полето на еднаквите можности со цел за да обезбедат предлози и мерки за постигнување на целта на законот’; член 14, став 8 да се прошири со: ’Соработува со Комисијата за еднакви можности на жените и мажите при собрание (од член 9 став 4)’, после зборот невладини организации да се додаде и зборот урбани и месни заедници.
Се спомна дека во член 14 на законот, се спомнуваат само „еднакви можности“, со тоа што се поставува прашањето дали пропустот да се спомнат жените и мажите е случајно направен. Би требало во ниво на закон да се усогласи законот на локално и национално ниво преку разговори со владата и министерство.
А во член 12 се губи непристрасноста и е преширока за еден службеник да се занимава со сите тие прашања. Затоа е потребно самостојно тело кое што ќе ги извршува тие функции/обврски.
Беше предложено да се земе предвид Конвенцијата од Советот на Европа, каде што се третира родово базираното насилство, и одредби врз основа на ова да бидат вклучени во законот.
Исто така се даде предлог да се дефинира родот, со јасна дистинкција од Законот за еднакви можности и да се смени насловот на законот на: Законот за родова еднаквост.
Беше укажано на улогата на државниот Завод за статистика и дека треба да се прошири делокругот на нивната работа и да вклучува и пошироки анализи за имплементирањето на овој закон.
Улогата на правниот застапник во делот на здравствената заштита не е доволно дефиниран. Потребен е независен мониторинг. Политичките партии би требало да донесат сопствени акти (регулирано преку законски акти) преку кои што ќе подготват родови сензитивни политики и при кандидирање на локалните избори. Исто така и сите буџети треба да се разгледуваат и од родов аспект.
Се слушна мислење дека комисиите немаат ниту технички, ниту човечки потенцијал да се занимаваат со оваа работа и дека тука станува збор за род, а не пол.
Дискриминацијата по родова основа треба да биде единствената дискриминација спомната во овој закон. Исто така треба да се додадат термините „третман“ и „застапеност“ во законот во соодветна форма и дека треба да се напомене и „индиректната дискриминација“.
Треба да се постават таксативни мерки со тоа што во партиите ќе се споменуваат родовите квоти. Како генерална забелешка, треба во законот да бидат поставени и рокови и да се разгледаат предвидените мерки-казни, кои во моментов се мали и незначајни.
Исто така, се слушна мислење за повлекување на законот од собраниска процедура. Во делот на правната заштита, покрај самата жртва, истото право би требало да се обезбеди и за другите ентитети, за да бидат во состојба да иницираат постапка.
Не е додефинирано каде треба да се применува законот. Сексуалната ориентација не е покриена со законот. Беше предлажено да се воспостави ново независно тело како и дефинирање на називот на тоа тело.
Се спомна дека е направено делумно усогласување со европскиот извештај, при што се укажа на критиките содржани во извештајот на ЕК за нискиот степен на учество на жените во политичкиот живот, и потребата за регулирање со посебни интерни партиски акти.
Спроведувањето на претходниот закон беше слаб. Постојат проблеми со родово буџетирање. Недостасува дефиницијата за родов аспект и сексуална ориентација.
Исто така, се повтори дека еден службеник не е во можност да одговори на сите барања во согласност со потребата за правна помош. Хрватска имаат посебен Народен правобранител за родова еднаквост.