Вторник, 11 септември 2012 годинаМакедонија и Израел – држави со плодна соработка
Пратеникот Павле Трајанов, во својство на претседател на Парламентарната група за соработка со Парламентот на Државата Израел, денеска оствари средба со Н.Е. Јозеф Амрани, вонреден и ополномоштен амбасадор на Државата Израел за Република Македонија, со седиште во Загреб.
На средбата, г. Павле Трајaнов на новоименуваниот амбасадор му посака успешна работа и го запозна со работата на Парламентот, при што истакна дека во Собранието на Република Македонија постои Парламентарната група за соработка со Парламентот на Државата Израел и дека Парламентот има добра соработка со Кнесетот на Државата Израел.
Двете држави имаат добра соработка во областа на земјоделството, туризмот, медицината, а има и доста млади кои сакаат да го продолжат своето школување во Израел. Постојат многу можности за понатамошна плодна соработка, истакна г. Трајанов.

Н.Е. Јозеф Амрани истакна дека парламентите имаат значајна улога во севкупните односи меѓу двете држави и дека се потпишани многу договори во однос на економијата. Исто така, тој потенцираше дека израелски бизнисмени се многу активни во Република Македонија и дека особено има големи можности за соработка во земјоделството.
Амбасадорот информира дека го посетил Меморијалниот центар на холокаустот и, според него, самиот чин на отворање на овој центар е значаен и праќа порака до младите генерации во регионот да не се заборави она што се случило.
Според него, Центарот би требало да прерасне во центар за толеранција и разбирање во кој ќе се вршат обуки за младите воопшто за толеранцијата.