Понеделник, 30 ноември 2009 година

Македонија доби визна либерализација

Советот на министри за внатрешни работи и за правда на земјите-членки на Европската унија, на прес-конференција во Брисел, ја потврди визната либерализација за Македонија, Црна Гора и Србија, која ќе стартува од 19 декември годинава. Со одлуката се дополнува регулативата 539/2001 на ЕУ, односно овие три балкански земји преминуваат од „црната“ на „белата“ шенген-листа.



Понеделник, 30 ноември 2009 година

Самит ЕУ - Кина

Денеска во Нанкинг ќе се одржи 12. средба на врвот меѓу Европската унија и Кина, на која кинескиот премиер, г. Вен Џиабао, ќе биде домаќин на премиерот на Шведска и претседавач со Унијата, г.Фредрик Рејнфелд и претседателот на Европската комисија, г. Жозе Мануел Баросо



Петок. 27 ноември 2009 година

Објавен составот на новата Европска комисија

Претседателот на Европската комисија, г. Жозе Мануел Баросо, на прес-конференција во Брисел, ја објави својата нова екипа, која треба да започне со работа на почетокот на следната година, откако ќе биде утврдена од Европскиот парламент. Нов комесар за проширување ќе биде г. Штефан Фуле од Чешка, кој ќе го наследи г. Оли Рен.



Четврток, 26 ноември 2009 година, Стразбур

Европарламентот ја изгласа Предлог-резолуцијата за проширување на ЕУ

Европскиот парламент со мнозинство гласови ја изгласа Предлог-резолуцијата за проширување на Европската унија со земјите од Западен Балкан, Исланд и Турција. Европратениците побараа од Советот на ЕУ на Самитот на 7 декември да ја потврди препораката на Европската комисија за почеток на пристапните преговори со Македонија за членство во Унијата.



Среда, 25 ноември 2009 година

Европарламентот расправа за проширување на ЕУ

На пленарната сесија на Европскиот парламент, која се одржува од 23 до 26 ноември во Стразбур, денеска европратениците расправаат за Предлог-резолуцијата на Европската комисија за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан, Турција и Исланд.



Вторник, 24 ноември 2009 година, Стразбур

Европарламентот побара да се продолжи со реформи на патот за членство во ЕУ

На првиот ден од пленарната сесија на Европскиот парламент во Стразбур, беше истакнато дека сегашните и потенцијалните земји-кандидатки мора да продолжат со реформите на патот за евентуално членство во Европската унија.



Понеделник, 23 ноември 2009 година, Стразбур

Пленарна сесија на Европскиот парламент

Од 23 до 26 ноември, членовите на Европскиот парламент ќе одржат пленарна сесија во Стразбур, на која, меѓу другото, ќе расправаат и за стратегијата за проширување на Европската унија, посебно за Западен Балкан, Турција и Исланд.



Петок, 20 ноември 2009 година

Херман ван Ромпуј - прв претседател на Европскиот совет, Кетрин Маргарет Ештон – прв министер за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ

Лидерите на 27-те земји-членки на Европската унија, на вонредна средба во Брисел, го назначија премиерот на Белгија, Херман ван Ромпуј, за прв претседател на Европскиот совет, додека британскиот еврокомесар за трговија, баронесата Кетрин Маргарет Ештон, е новиот висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ.



Четврток, 19 ноември 2009 година, Брисел

Назначување на новите клучни позиции во ЕУ

Лидерите на држави и влади од Европската унија, денеска ќе се сретнат на работна вечера во Брисел, со цел назначување на новите клучни позиции во Европската унија, во пресрет на стапувањето на сила на Лисабонскиот договор.

Лидерите ќе ги објават имињата на првиот постојан претседател на Европскиот совет, на високиот претставник по прашањата за надворешни работи и политиката на сигурност, како и на генералниот секретар на Советот.

Кандидатите ќе ги заземат своите функции на 1 декември кога ќе стапи на сила Договорот од Лисабон.

Неофицијалната средба е на иницијатива на шведскиот премиер и претседавач со ЕУ, г.Фредрик Рејнфелд.



Четврток, 19 ноември 2009 година

Климата и енергетиката во фокусот на Самитот меѓу ЕУ и Русија

Климатските промени и енергетските прашања беа доминантни теми на третиот самит меѓу Европската унија и Русија, кој вчера се одржа во Стокхолм. Домаќин на Самитот беше шведскиот премиер и претседавач со Унијата, г.Фредрик Рејнфелд, а покрај неговиот гостин - рускиот претседател г.Дмитриј Медведев, учество зедоа и претседателот на Европската комисија, г.Жозе Мануел Баросо и високиот претставник на ЕУ, г.Хавиер Солана.



Среда, 18 ноември 2009, Стокхолм

Самит ЕУ – Русија

Денеска во Стокхолм ќе се одржи средба на врвот помеѓу Европската унија и Русија, на која шведскиот премиер, г.Фредрик Рејнфелд, во својство на претстедавач со Унијата ќе биде домаќин на рускиот претседател, г.Дмитриј Медведев.

На Самитот ќе учествуваат и претседателот на Европската комисија, г.Жозе Мануел Баросо и високиот претставник на ЕУ, г.Хавиер Солана.

Во фокусот на дискусиите ќе се најдат климатските промени, финансиската криза, енергетските прашања, надворешната и трговската политика, како и човековите права. 



Четврток, 12 ноември 2009 година, Брисел

Европарламентот изгласа визна либерализација од 19 декември

Европскиот парламент во Брисел денеска го поддржа Извештајот за визна либерализација на Македонија, Србија и Црна Гора, подготвен од словенечката европратеничка Тања Фајон, со кој се предвидува слободно патување за овие три земји во Европа од 19 декември 2009 година, наместо првичниот термин 1 јануари 2010 година.

Среда, 11 ноември 2009 година, Брисел

Пленарна сесија на Европскиот парламент

На 11 и 12 ноември Европскиот парламент ќе одржи пленарна сесија во Брисел по повод 20-годишнината од демократската револуција зад „Железната завеса“. Меѓу другото, утре ќе биде разгледан и Извештајот за визна либерализација на Република Македонија, Србија и Црна Гора, подготвен од словенечката европратеничка Тања Фајон.

Предлогот на Словенија е шенген визите за трите земји да бидат укинати на 19 декември годинава наместо на 1 јануари 2010 како што предложи Европската комисија.

Позицијата на Европа во однос на климатските промени пред декемвриската конференција во Копенхаген и раководните позиции во Европската унија ќе се најдат на дневниот ред пред европратениците. 

Денеска тие исто така ќе дебатираат и за финансирањето на невродегенеративните заболувања, како Алцхајмеровата и Паркинсоновата болест.

Дводневната сесија се одржува една седмица пред Самитот меѓу ЕУ и Русија, кој ќе се одржи на 18 ноември во Стокхолм.


Понеделник, 9 ноември 2009 година

Дваесет години од падот на Берлинскиот ѕид

Денеска Германија одбележува 20 години од падот на Берлинскиот ѕид. За таа цел пред Бранденбуршката порта ќе се одржи манифестацијата „Празникот на слободата“, на која германскиот претседател Хорст Келер и канцеларката Ангела Меркел ќе бидат домаќини на шефови на држави и влади од сите земји-членки на Европската унија, како и на американскиот министер за надворешни работи Хилари Клинтон и рускиот претседател Дмитри Медведев.



Петок, 6 ноември 2009 година, Њу Делхи

Самит ЕУ - Индија

На Самитот меѓу Европската унија и Индија во Њу Делхи, во чиј фокус беа климатските промени, индискиот премиер Манмохан Сингх беше домаќин на премиерот на Шведска и претседавач со Европската унија, Фредрик Рејнфелд, како и на претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо



Среда, 4 ноември 2009 година

Лисабонскиот договор потпишан и во Чешка

Чешкиот претседател Вацлав Клаус го потпиша Лисабонскиот договор, со што се комплетира ратификацијата во сите 27 земји-членки на Европската унија. Вчера, откако Уставниот суд на Чешката Република го одобри европскиот реформски договор, претседателот го потпиша истиот.



Вторник, 3 ноември 2009 година

Уставниот суд на Чешка го одобри Лисабонскиот договор – се чека само уште потписот на чешкиот претседател Вацлав Клаус

Чешкиот Уставен суд објави дека Лисабонскиот договор е целосно во склад со Уставот на Чешката Република, по што недостасува само уште потписот на претседателот на оваа земја, г.Вацлав Клаус, за тој конечно да биде ратификуван од сите 27 земји-членки на Европската унија.



Понеделник, 2 ноември 2009 година

Самит ЕУ - САД

Утре во Вашингтон ќе се одржи самит меѓу Европската унија и Соединетите Американски Држави, на кој американскиот претседател г.Барак Обама ќе биде домаќин на премиерот на Шведска како претседавач со ЕУ, г.Фредрик Рејнфелд. На средбата исто така ќе учествуваат и претседателот на Европската комисија, г. Жозе Мануел Баросо и високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна и сигурносна политика, г.Хавиер Солана.

Click