Седници на Националниот совет за евроинтеграции

 

Петок, 21 јануари 2011 година

Деветнаесетта седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции на денешната седница ја разгледа Националната програма за усвојување на правото на ЕУ - ревизија 2011 година.

На седницата на Советот присуствуваа Н.Е. г. Ференц Кекеши амбасадор на Република Унгарија во Република Македонија, Н.Е. г. Дариуш Карол Бахура, амбасадор на Република Полска во Република Македонија и г-ѓа Марина Курте, претставник од Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

Националната програма ја претстави г. Васко Наумовски, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања. 

Ревизијата на НПАА 2011 е четврта ревизија по ред, усвоена од Владата на Република Македонија на 28 декември 2010 година. Основните цели на овогодишната ревизија на НПАА се: адресирање на наодите и препораките од Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2010 година; обврските кои произлегуваат од ССА; препораките од линиските директорати на Европската комисија; опфаќање на препораките од Комитетот за стабилизација и асоцијација и поткомитетите одржани во текот на 2010 година; препораките од одржаните технички состаноци и оценски мисии со соодветните структури на ЕУ; среднорочните приоритети од Партнерството за пристапување како и ревидирање на корпусот на европското законодавство. Во 2011 година предвидено е да се донесат 62 закони и усвојување на околу 400 подзаконски акти, односно усогласување со вкупно 524 ЕУ мерки.

Во расправата на седницата со свои дискусии, сугестии и препораки учествуваа: г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции, г. Петар Поп Арсов, г. Александар Спасеновски и г-ѓа Флора Кадриу, пратеници и членови на Советот, г. Димитар Мирчев  член на Советот и претставник од Кабинетот на претседателот на Република Македонија и г. Александар Кржаловски, претставник од Граѓанската платформа на Македонија.

Националниот совет за евроинтеграции заклучи сугестиите од расправата по Националната програма да се достават до Владата на Република Македонија.

На седницата Советот усвои Мислење за усвојување на правото на ЕУ во текот на 2011 година. 

На истата седница беше усвоен Извештајот за работата на Националниот совет за евроинтеграции за периодот јули-декември 2010 година како и Планот за активности на Националниот совет за евроинтеграции за реализација во текот на 2011 година.

дневен ред

Петок, 26 ноември 2010 година

ОСУМНАЕСЕТТА СЕДНИЦА НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

Националниот совет за евроинтеграции, на седницата одржана денеска, гo разгледа Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2010 година.

На седницата присуствуваше Н.Е Ференц Кекеши, амбасадор на Република Унгарија и претставниците на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, г-ѓа Марина Курте, политички советник и г. Роберт Лидел, советник и шеф на политички и информативен сектор.

Во расправата на седницата, со свои дискусии учествуваа: г-ѓа Радмила Шекеринска претседател на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Флора Кадриу, г. Александар Спасеновски,  г. Петар Поп Арсов, г. Тито Петковски,  г. Андреј Жерновски и  г. Џеват Адеми, пратеници и членови на Советот, г. Васко Наумовски, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања и г. Владо Камбовски, член на Советот, претставник од Македонската академија на науките и уметностите  и г. Димитар Мирчев, член на Советот и претставник на Кабинетот на претседателот на Република Македонија.

Националниот совет за евроинтеграции расправајќи по Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Mакедонија за 2010 година, ги донесе следните Заклучоци:

1. Националниот совет за евроинтеграции ја поздравува повторената препорака на Европската комисија за почеток на преговори за членство на Република Македонија во Европската унија и истакнува дека препораките од Стратегијата за проширување и главите предизвици 2010-2011 даваат силен поттик на процесот на интеграција во Европската унија, за продолжување на политичките и економските реформи на Република Македонија, како и на земјите од регионот.

2. Советот смета дека оценките и коментарите содржани во Извештајот се одраз на реалните состојби во Република Македонија за постигнатите резултати во 2010 година во процесот на нејзино интегрирање во Европската унија, за преземените одлуки, мерките кои се имплементирани и усвоените законски акти.

3. Советот се залага, надлежните субјекти, со сета сериозност и критичност да ги анализираат забелешките во Извештајот и да се обврзат за надминување на слабостите, особено за зајакнување на административниот капацитет за континуирано спроведување на реформите со цел преземање на обврските од претпристапните преговори. Во оваа насока, Советот предлага Владата на Република Македонија итно да изготви план за реализација на препораките содржани во Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2010 година, со носители и рокови на реализација (до крајот на месец декември 2010 година).

4. Имајќи ја предвид стратешката и консезуална определба за пристапување кон Европската унија, Советот укажува на потребата од континуирана поддршка и соработка во процесот на интеграција, засилено мобилизирање и вклучување на целокупното општество, преку сите надлежни институции и субјекти во насока на преземање на одговорностите од претпристапните преговори.

5. Во периодот до одржување на седницата на Советот на ЕУ во декември 2010 година, Советот укажува на потребата од активно вклучување на целокупниот потенцијал на државата во добивање на датум за почеток на преговори, ефикасни подготовки за реализацијата на сите активности кои ќе следат по добивањето на датумот. 
Воедно, Советот ги повикува земјите членки на ЕУ да одобрат преминување кон втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Европските заедници и нивните земји членки од една страна и Република Македонија од друга страна.

6. Се истакнува дека одржувањето на добрососедски односи, вклучувајќи и меѓусебно прифатливо решение за прашањето за името под покровителство на ОН, е клучно во следната фаза од евроинтегративниот процес. Во оваа насока, Националниот совет за евроинтеграции како тело кое што го претставува општиот консензус за членството во Европската унија, останува на располагање за консултации околу можното решение.

7. Советот ја нагласува потребата од одржување и интензивирање на регионалната соработка на Република Македонија, соработката со земјите членки на ЕУ што нè поддржуваат на патот на нашето интегрирање, како и од унапредување на политичкиот дијалог со структурите на Унијата.

8. Советот истакнува дека во исполнувањето на поставените задачи, потребно е во континуитет, позитивно да се афирмира Република Македонија како идна членка на Европската унија.

9. Советот ќе продолжи и во иднина ангажирано и континурано да ја остварува улогата на форум кој што придонесува за унапредување и одржување на политичкиот дијалог и општествениот консензус во процесите на евроинтегрирање на Република Македонија.

10. Со заклучоците на Националниот совет за евроинтеграции по Извештајот на Европската комисија да бидат запознати Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија.

11. Заклучоците на Советот да се објават на интернет страницата на Собранието на Република Македонија за да бидат достапни до пошироката јавност.

На седницата Советот го разгледа и Извештајот за работата на Националниот совет за евроинтеграции за периодот од 25 декември 2009-30 јуни 2010 година. Во расправата учествуваа г-ѓа Радмила Шекеринска претседател на Националниот совет и г. Александар Кржаловски претставник на Граѓанската платформа на Македонија. По повод Извештајот за работата на Националниот совет, се усвоија следните Заклучоци:

1. Во периодот што претстои Националниот совет за евроинтеграции ќе продолжи подинамично да делува како активен чинител во процесот за заокружување на подготовките за членство на Република Македонија во ЕУ. Своите заложби особено ќе ги насочи кон унапредување на формите на координирана соработка со надлежните државни органи и со граѓанскиот сектор, проширување на дијалогот, организирање на јавни расправи по респективни теми, интензивирање на меѓународната соработка во земјата и во странство по прашања за евроинтеграциите и обезбедување на висок степен на транспарентност во својата работа.

2. Советот ќе продолжи да настојува да обезбеди поактивна улога на Собранието на Република Македонија во евроинтегративните процеси и ќе продолжи и во иднина ангажирано и континуирано да ја остварува улогата на форум којшто придонесува за унапредување и одржување на политичкиот дијалог и општествениот консензус во процесите на евроинтегрирање на Република Македонија.

3. Советот препорачува Собранието на Република Македонија да донесе измени и дополнувања на Одлуката за основање Национален совет за евроинтеграции („Службен весник на Република Македонија" бр.140/2007) и на Одлуката за именување на претседател, потпретседател и членови на Националниот совет за евроинтеграции („Службен весник на Република Македонија" бр.106/2008, 147/2008, 76/2009 и 106/2009), со можност да се предвидат заменици на членовите на Советот, заради продолжување на остварување на делегираните надлежности во полн капацитет.

дневен редзаписник

Петок, 22 октомври 2010 година

СЕДУМНАЕСЕТТА СЕДНИЦА НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

Националниот совет за евроинтеграции на Седумнаесеттата седница ја разгледа Информацијата за реализираните активности од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија - ревизија 2010 година за периодот од 1.7.2010 до 30.9.2010 година, изготвена од Секретаријатот за европски прашања при Владата на Република Македонија.

На седницата, во својство на претставник на делегацијата на Европската унија во Република Македонија, присуствуваше г-ѓа Марина Курте, политички советник.

Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, г.Васко Наумовски, информираше дека целта на подготвениот материјал е редовно да се информира Собранието на Република Македонија и Националниот совет за евроинтеграции, за степенот на спроведување на Националната програма за усвојување на правото на Европската унија, согласно заклучоците усвоени на Националниот совет и Комисијата за европски прашања. Од предвидените 106 закони според НПАА ревизија 2010, до овој период донесени се 58 закони и истите се објавени во „Службен весник на Република Македонија“, додека 29 предлог-закони се во собраниска процедура.

Во расправата на седницата, со свои дискусии, сугестии и препораки учествуваа: г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на советот, г-ѓа Силвана Бонева, потпретседател на советот, г. Петар Поп-Арсов и г. Андреј Жерновски, пратеници и членови на советот, г. Димитар Мирчев, член на советот и претставник од Кабинетот на претседателот на Република Македонија и г. Александар Кржаловски, претставник од Граѓанската платформа на Македонија.

На истата седница, советот ги усвои заклучоците од организираните јавни  расправи по: Предлог-законот за заштита на конкуренцијата, Предлог-законот за државната помош, работната верзија на законот за енергетика, Предлог-законот за ревизија, Предлог-законот за безбедност на храна и заклучоците од тематската јавна расправа „Политиките за унапредување на животната средина во Република Македонија".

дневен ред записник

Понеделник, 30 август 2010 година, Сала на Уставна комисија

Шеснаесетта седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции на Шеснаесеттата седница, одржана денеска, ја разгледа Информацијата за реализираните активности од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија, ревизија 2010 за периодот од 01.4.2010 - 30.6.2010 година.

На седницата на Советот присуствуваа г-ѓа Марија Анхелес Гарсија де Лара, вршител на должноста амбасадор на Кралството Шпанија во Република Македонија и г-ѓа Марина Курте, претставник од Делегација на Европска унија во Република Македонија.

Информацијата за реализираните активности од НПАА-ревизија 2010 за периодот од вториот квартал на годината ја презентираше г. Васко Наумовски, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања.

Целта на оваа информација е редовно информирање на Собранието на Република Македонија и на Националниот совет за евроинтеграции за степенот на спроведувaње на НПАА. Од вкупно 106 закони што се планирани да се донесат до крајот на 2010 година, во периодот од јануари до крајот на јуни годинава, на седниците на Владата се усвоиле 56 закони, 46 закони се објавиле во „Службен весник на РМ“ и 10 Предлог-закони биле во собраниска процедура.

Вицепремиерот за европски прашања го информираше Националниот совет дека до крајот на месец август, од страна на Владата усвоен е 61 закон, а дополнителни 20 закони се во владина процедура или во фаза на меѓуресорска консултација. Во првата половина од 2010 година, заклучно со периодот опфатен во Извештајот, извршено е усогласување на националното законодавство со 273 ЕУ-мерки. Од вкупно планираните 373 подзаконски акти за 2010 година, до 30 август усвоени се 123, а дополнителни 70 подзаконски акти се во фаза на меѓуресорска консултација.

Во расправата на седницата, со свои дискусии, сугестии и препораки учествуваа: г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Силвана Бонева потпретседател на Советот, г-ѓа Флора Кадриу, г. Тито Петковски и г. Петар Поп-Арсов, пратеници и членови на Советот, г. Димитар Мирчев, член на Советот и претставник на Кабинетот на претседателот на Република Македонија, г.Александар Кржаловски, претставник од Граѓанска платформа на Македонија и г. Слободан Антевски од Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија.

дневен реддневен редзаписник

Петок, 25 јуни 2010 година

Петнаесетта седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции на седницата расправаше за Европската интеграција на Република Македонија по Европскиот совет одржан на 17 јуни 2010 година.

Потпретседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања г. Васко Наумовски укажа дека и со следното Белгиско претседателство со Европската унија, процесот за проширувањето ќе остане на агендата на ЕУ, процесот на проширување нема да запре, со тоа вратите на Унијата за нови членки вклучително и за Република Македонија, ќе останат отворени. И по состанокот на Европскиот совет од 17 јуни 2010 година, Владата на Република Македонија ќе продолжи да ги исполнува критериумите за членство во Унијата. Стратешката определба на Владата и на другите општествени фактори е непроменета, членството на Република Македонија во ЕУ останува врвен приоритет. Република Македонија останува заинтересирана да се најде заемно прифатливо решение за спорот со името на државата, кое нема да нанесе штета на националните интереси.  

Во обраќањето пред Националниот совет за евроинтеграции, Министерот за надворешни работи на Република Македонија г. Антонио Милошоски истакна дека на последниот состанок на Европски совет, Република Македонија како држава кандидат за членство во ЕУ, беше сосема политички и административно подготвена да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, што беше и верификувано со минатогодишниот Извештај на Европската комисија. На следниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација кој ќе се одржи на 20 јули 2010 година, уште еднаш ќе се потврдат реформските заложби на Република Македонија, да се унапреди дијалогот и да се зголеми мотивацијата на општеството кај сите политички и институционални чинители за продолжување на евроинтеграцијата на државата. Неповолноста на одлуката на Европскиот совет не е резултат на недостаток на македонскииот учинок и влог во реформите, туку е недостаток на подготвеност на една земја членка од ЕУ да го даде својот конструктивен придонес во постигнувањето на консензус, потребен за Република Македонија да добие политички верификувана одлука за започнување на пристапните преговори со ЕУ. 

На седницата свое обраќање имаше Н.Е. Хосе Мануел Паз Агуерас, амбасадор на Кралството Шпанија во Република Македонија. Амбасадорот изрази целосна поддршка за евроинтеграциите на Република Македонија и изрази надеж за што поскоро приклучување на земјата во европското семејство.

Во расправата на седницата со свои дискусии, сугестии и препораки учествуваа:  г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции,  г-ѓа Силвана Бонева потпретседател на  Националниот совет за евроинтеграции,  г-ѓа Флора Кадриу, г. Тито Петковски, г. Петар Поп Арсов и   г. Џевад Адеми, пратеници и  членови на Советот, г. Димитар Мирчев член на Советот и претставник од кабинетот на Претседателот на Република Македонија и г. Живко Митревски претставник  на Сојузот на синдикати на Македонија.

 дневен ред записник

Понеделник, 26 април 2010 година

Четиринаесетта седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции на седницата ја разгледа и со консензус ја усвои Информацијата за реализираните активности од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија - ревизија 2010 година за периодот од 01.01. до 31.03.2010 година, изготвена од Секретаријатот за европски прашања при Владата на Република Македонија.

На седницата присуствуваа претставниците на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, г. Патрик Паке, раководител на Одделот за политика и информации и г-ѓа Марина Курте, политички советник во Делегацијата на ЕУ и г-ѓа Ингрид Свенсон, втор секретар во амбасадата на Кралството Шведска. 

Во презентацијата на Информацијата, заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, г.Васко Наумовски, информираше дека целта на подготвениот материјал е редовно да се информира Собранието на Република Македонија и Националниот совет за евроинтеграции за степенот на спроведување на НПАА во изминатите три месеци, согласно заклучоците усвоени на Националниот совет и Комисијата за европски прашања. Информацијата на најдобар начин ја потврдува посветеноста и ангажманот на Владата на Република Македонија во исполнувањето на критериумите и обврските коишто произлегуваат од членството во Унијата, како и во создавањето на солидна почетна позиција за почеток на претпристапните преговори. Според НПАА, во текот на 2010 година предвидени се да се донесат 106 закони, од кои 43 закони се усвоени од страна на Владата на Република Македонија, 33 закони се донесени од Собранието на Република Македонија и истите се објавени во „Службен весник на Република Македонија“. Во собраниска процедура се 10 предлог-закони, додека 15 закони се во владина процедура или во фаза на меѓуресорска консултација. Во однос на динамиката на усвојување на подзаконските акти, донесени и објавени во „Службен весник на Република Македонија“ се вкупно 58 акти, додека  дополнителни 41 акти се наоѓаат во владина постапка или во фаза на меѓуресорска консултација.

Во расправата на седницата со свои дискусии, сугестии и препораки учествуваа: г-ѓа Силвана Бонева потпретседател на Советот, г. Тито Петковски, г. Петар Поп Арсов и г. Кенан Хасипи, пратеници и членови на Советот, г. Димитар Мирчев, член на Советот и претставник од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, г. Александар Кржаловски, претставник од Граѓанската платформа на Македонија и г-ѓа Љубица Нури, претставник од Стопанската комора на Македонија.

На седницата, Советот ги усвои заклучоците од јавната расправа по Предлог-законот за здруженија и фондации, јавната расправа по Предлог-законот за јавните службеници и од јавната расправа на тема „Обновливи извори на енергија“ .

Советот расправаше и за прашањето за учеството на заинтересираните невладини организации на јавните расправи кои ги организира Советот, како и за следењето на работата на Советот, и со консензус усвои заклучоци.

дневен редизвестувањезаписник

Четврток, 18 март 2010 година

Тринаесетта седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции на седницата расправаше за Повеќегодишната спогодба за финансирање 2007 - 2010 од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) за Петтата компонента - рурален развој.

На седницата во својство на претставник на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија присуствуваше г-ѓа Емануел Гиенеф, раководител на оперативни работи 2. Во обраќањето беше изнесено дека се ценат досегашните вложени напори на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и на Министерството за финансии, а спроведувањето на финансиската помош ќе претставува уште поголем предизвик.

Резиме на Повеќегодишната спогодба за финансирање даде министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, г. Љупчо Димовски. Спогодбата ќе се ревидира на годишна основа за да се земат предвид износите предвидени во мултииндикативниот плански документ, соодветно на измените и дополнувањата на секторската спогодба. Во изминатиот период Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство вршело интензивни комуникации со сите асоцијации и здруженија на земјоделци, со цел да се оствари широка и ефикасна информираност на земјоделците, за поволностите од користењето на средствата од 5-та Компонента на ИПА. Како резултат на кампањата, до 17 март 2010 година до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој биле поднесени 120 апликации. Владата на Република Македонија донела одлука со која ИПАРД Агенцијата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се задолжени да извршат дополнителни консултации и средби со деловните банки, за потпишување на посебен меморандум за прифаќање на бизнис-плановите доставени од страна на апликантите до ИПАРД Агенцијата. На овој начин треба да се олесни процесот на добивање на кредити од деловните банки, а ќе се разговара и за олеснување, или намалување на каматите на средствата, кои ќе се користат за финансирање на трошоците за реализација на проектите. ИПАРД Агенцијата е задолжена да воспостави непосредна соработка со Агенцијата за катастар, со цел на сите апликанти во електронска форма да им се достават имотните листови.

Во расправата на седницата со свои дискусии, сугестии и препораки учествуваа: г-ѓа Силвана Бонева потпретседател на Националниот совет за евроинтеграции, г. Александар Кржаловски претставник на Граѓанска платформа на Македонија, г. Ѓоко Данилов претставник од Федерацијата на фармерите во Македонија, г. Ефтим Шаклев претставник од Асоцијацијата на земјоделци, г. Вељо Тантаров претставник  од Сојузот на земјоделци, г. Зоран Даневски претседател на Агробизнис комора и г-ѓа Габриела Мицева, претставник од Центарот за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој.

дневен редзаписник

Дванаесетта седница на Националниот совет за евроинтеграции

29  јануари 2010 година, 10,00 часот, сала на Уставна комисија

Националниот совет за евроинтеграции на седницата одржана на 29 јануари 2010 година ја разгледа Националната програма за усвојување на правото на ЕУ - ревизија  2010 година.

На седницата на Советот присуствуваа г-ѓа Марија Анхелес Гарсија де Лара, вршител на должноста амбасадор на Кралството Шпанија во Република Македонија, г-ѓа Марина Курте и г-ѓа Ружица Андроникова претставници од Делегација на Европска унија во Република Македонија.

Националната програма ја претстави г. Васко Наумовски, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања. Ревизијата на НПАА 2010 е трета ревизија по ред, усвоена од Владата на Република Македонија на 29 декември 2009 година. Почетен датум за реализација на активностите од НПАА е 1 јануари 2010 година.

Основна цел на овогодишната ревизија на НПАА е редовно ажурирање на програмата и уште повеќе подобрување на механизмите за следење на реализацијата на приоритетите преку воспоставување на систем на постојан мотинторинг на имплементацијата на НПАА. Процесот на ревизија на НПАА за 2010 започнал веднаш по добивањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2009 година. Националната програма е резултат на работата на работните групи од претставници од министерствата и од други институции и органи на државната управа. Вкупно 68 институции ќе бидат носители на активностите на НПАА.

Како и во претходните години, и оваа НПАА ја следи истата структура и концепт на документот, политичките критериуми, економските критериуми, способноста да се преземат обврските кои произлегуваат од членството, јакнење на административните капацитети за пристапување во Европската унија, подготовка на националната верзија на acquis communautaire и информирање и комуникација со јавноста за процесот на интегрирање на Република Македонија во Европската унија. Документот содржи план за постепено транспонирање на европското законодавство во релевантното национално законодавство како и активности кои директно се однесуваат на подобра имплементација на законодавството. Националната програма опфаќа усвојување на 103 закони и 375 подзаконски акти планирани да се усвојат во 2010 година, со кои ќе се изврши усогласување со вкупно 844  ЕУ мерки.

Во расправата на седницата со свои дискусии, сугестии и препораки учествуваа Радмила Шекеринска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции, Силвана Бонева, потпретседател на Советот, Владо Камбовски од Македонската академија на науките и уметностите, Скендер Бузаку претставник на Исламската верска заедница, Кенан Хасипи и Флора Кадиу пратеници и членови на Советот, Димитар Мирчев  од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Александар Кржаловски од Граѓанска платформа на Македонија и Љубица Нури од Стопанска комора на Мaкедонија.

 дневен ред заклучоцизаписник стенографски белешки

Единаесетта седница на Националниот совет за евроинтеграции

25 декември 2009 година, 10.00 часот, Сала на Уставна комисија

Националниот совет за евроинтеграции на Единаесеттата седница расправаше по Мислењето за усвојување на правото на Европската унија за 2010 година и по Извештајот за работата на Националниот совет за евроинтеграции за периодот септември 2008 - декември 2009 година.

На седницата свои дискусии имаа г-ѓа Радмила Шекеринска претседател на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Силвана Бонева потпретседател на  Советот, г. Андреј Жерновски, г. Тито Петковски, г. Петар Поп Арсов, г. Александар Николовски, г-ѓа Флора Кадриу и г. Кенан Хасипи пратеници и членови на Советот, г. Сашо Стевков претставник од Кабинетот на претседателот на Владата на Република Македонија, Александар Кржаловски претставник на Советот и на Граѓанската платформа на Македонија, г-ѓа Љубица Нури претставник на Стопанската комора и г. Петар Камчев претставник од Секретаријатот за европски прашања.

Националниот совет за евроинтеграции го усвои Мислењето за усвојување на правото на Европската унија за 2010 година, чиј составен дел се и Анексот 1 со закони кои според НПАА ревизија 2009 се планирани да се донесат во 2010 година, и Анекот 2 со закони по кои Советот во текот на 2010 година ќе организира јавни расправи. Извештајот за работата на Националниот совет за евроинтеграции беше усвоен со одредени измени и дополнувања кои произлегоа од дискусиите во расправата.

На оваа седница Националниот совет ги усвои и заклучоците од Јавната расправа по работната верзија на Предлог-законот за авторското право и сродните права, која се одржа на 22 декември 2009 година.

дневен ред               мислење за усвојување на правото                  анекс 1                    анекс 2              записник

Десетта седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции на Десеттата седница која се одржа на 15 декември 2009 година, расправаше за европските интеграции на Република Македонија по  заклучоците на Советот на Европска унија од 8 декември 2009 година.

На седницата свои дискусии имаа Н.Е. г.Ерван Фуере, Специјален претставник на Европската унија и Шеф на Делегацијата на Европската унија, Н.Е. Ларс Петер Фреден, Амбасадор на Кралството Шведска во Република Македонија, г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции, г. Васко Наумовски, заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за евроинтеграции, г. Тито Петковски, член на советот, г. Димитар Мирчев, претставник од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, г. Зоран Петров, заменик министер за надворешни работи, г-ѓа Силвана Бонева потпретседател на  Националниот совет за евроинтеграции, г. Кенан Хасипи,  г. Александар Николовски, г. Александар Спасеновски,  членови на Советот и  г. Скендер Бузаку, секретар на муфтиство на Исламската верска заедница и претставник на Советот.

На седницата Советот ги усвои заклучоците од јавната расправа по Предлог- Законот за бесплатна правна помош, одржана на 14 јули 2009 година, заклучоците од јавната расправа по работната верзија на Законот за кривична постапка и Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, одржана на 22 јули 2009 година,  заклучоците од јавната расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за спречување судир на интереси, одржана на 31 јули 2009  година,  заклучоците од јавната расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државни службеници, одржана на 27 август 2009 година, заклучоците од јавната расправа по Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, одржана на 4 септември 2009 година, заклучоците од јавната расправа по „Политиките за унапредување на животната средина во Република Македонија“, одржана на 26 ноември 2009 година.

дневен ред                        записник

Деветта седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции на седницата одржана на 22 октомври 2009 година, го разгледа Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2009 година.

На седницата свое обраќање имаше г. Ерван Фуере, Специјален претставник на Европската унија и Шеф на Делегацијата на Европската комисија во Република Македонија, како и г. Ларс Петер Фреден, Амбасадор на Кралството Шведска во Република Македонија.

Во расправата со свои дискусии учествуваа г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Силвана Бонева потпретседател на  советот, г.Џеват Адеми,  г-ѓа Флора Кадриу, г. Петар Поп Арсов, г. Тито Петковски, г. Кенан Хасипи и г. Александар Спасеновски членови на Советот, г. Томе Колев претставник од  Католичката црква, г-ѓа Лидија Димова од Македонскиот центар за Европско образование, г-ѓа Љубица Нури претставник од Стопанската комора на Македонија, г. Скендер Бузаку претставник на Исламската верска заедница,  г. Роберт Поповски член на Советот и претставник на Здружението на новинарите на Македонија, и Александар Кржаловски претставник на Граѓанската платформа на Македонија.

Националниот совет за евроинтеграции расправајќи по Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Mакедонија за 2009 година, ги донесе следниве 

 З А К Л У Ч О Ц И

1. Националниот совет за евроинтеграции ја поздравува препораката на Европската комисија за почеток на преговори за членство на Република Македонија во Европската унија и истакнува дека пораките од Стратегијата за проширување и главите предизвици 2009-2010, даваат силен поттик на процесот на интеграција во Европската унија, за продолжување на политичките и економските реформи на Република Македонија како и на земјите од регионот.

2. Советот смета дека оценките и коментарите содржани во Извештајот се одраз на реалните состојби во Република Македонија за постигнатите резултати во 2009 година во процесот на нејзино интегрирање во Европската унија, за превземените одлуки, мерките кои се имплементирани и усвоените законски акти.

3. Советот се залага, надлежните субјекти, со сета сериозност и критичност да ги анализираат забелешките во Извештајот и да се обврзат за надминување на слабостите, особено за зајакнување на административниот капацитет за континуирано спроведување на реформите со цел превземање на обврските од претпристапните преговори. Во оваа насока, Советот предлага Владата на Република Македонија итно да изготви Акционен план за реализација на препораките содржани во Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2009 година, со носители и рокови на реализација (до крајот на месец декември 2009 година).

4. Имајќи ја предвид стратешката и консезуална определба за пристапување кон Европската унија, Советот укажува на потребата од континуирана поддршка и соработка во процесот на интеграција, засилено мобилизирање и вклучување на целокупното општество, преку сите надлежни институции и субјекти во насока на преземање на одговорностите од претпристапните преговори. Советот препорачува итно формирање на преговарачки тимови и изготвување на предлог стратегија за преговори, во чие изготвување ќе се вклучи и Националниот совет за евроинтеграции.

5. Во периодот до одржување на седницата на Советот на ЕУ во декември 2009 година, Советот укажува на потребата од активно вклучување на целокупниот потенцијал на државата во добивање на датум за почеток на преговори, како и ефикасни подготовки за реализацијата на сите активности кои ќе следат по добивањето на датумот.

6. Се истакнува дека одржувањето на добрососедски односи, вклучувајќи и изнаоѓање заеднички прифатливо решение за името под закрила на Обединетите нации, останува клучно и суштинско прашање во следната фаза од евроинтегративниот процес. Во оваа насока, Националниот совет за евроинтеграции како тело кое што го претставува општиот консензус за членството во Европската унија, останува на располагање за консултации околу можното решение.

7. Советот ја нагласува потребата од одржување и интензивирање на регионалната соработка на Република Македонија, соработката со земјите членки на ЕУ што не поддржуваат на патот на нашето интегрирање, како и од унапредување на политичкиот дијалог со структурите на Унијата.

8. Советот истакнува дека во исполнувањето на поставените задачи, потребно е во континуитет, позитивно да се афирмира Република Македонија како идна членка на Европската унија.

9. Советот ќе продолжи и во иднина ангажирано и континурано да ја остварува улогата на форум кој што придонесува за унапредување и одржување на политичкиот дијалог и општествениот консензус во процесите на евроинтегрирање на Република Македонија.

10. Со заклучоците на Националниот совет за евроинтеграции по Извештајот на Европската комисија да бидат запознати Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија.

11. Заклучоците на Советот да се објават на интернет страницата на Собранието на Република Македонија за да бидат достапни до пошироката јавност.

дневен ред      Извештај на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија 2009     записник

Осма седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции на седницата одржана на 17 септември 2009 година ја разгледа Информацијата за Инструментот за претпристапна помош - ИПА изготвена од Секретаријатот за европски прашања при Владата на Република Македонија.

Претставникот од Секретаријатот за европски прашања г.Драган Тилев информираше за поставеноста на структурите и компонентите на Инструментот за претпристапна помош, за подготовката и имплементацијата на системот на децентрализирано управување со средствата од ИПА. Генерална карактеристика за Инструментот за претпристапна помош е што за Република Македонија како земја кандидат нуди многу повеќе финансиски средства од програмите кои беа претходно користени. Финансиската помош преку програмата ИПА изнесува околу 40 до 50 евра по глава на жител.

За придобивките од користењето на претпристапните инструменти на ЕУ говореа претставниците на Делегацијата на Европската комисија во Република Македонија, г.Лукас Мелка и г-ѓа Емануел Гујхенеуф. 

Во расправата со свои дискусии и коментари учествуваа претседателот на Националниот совет за евроинтеграции г-ѓа Радмила Шекеринска, претставникот од кабинетот на претседателот на Република Македонија г.Димитар Мирчев, членот на Советот Кенан Хасипи, претставникот на Сојузот на стопански комори г.Мирче Чекреџи,  извршниот директор на ЗЕЛС г-ѓа Душица Перишиќ и директорот на Стопанската комора на северозападна Македонија, г. Блерим Златку.

 
дневен ред                    записник                 стенографски белешки

Шестта  седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции на Шестата седница одржана на 02 јуни 2009 година расправаше за реализацијата на главните приоритети за пристапувањето во Европската унија и на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ.

На седницата беше разгледана Информацијата за реализацијата на главните приоритети од Партнерството за пристапување, изготвена од Секретаријатот за европски прашања. На седницата учествуваше и Н.Е. г. Ерван Фуере, специјален претставник на Европската унија и шеф на Делегацијата на Европската комисија во Република Македонија.

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Ивица Боцевски информираше за степенот на реализација на главните приоритети од Партнерството за пристапување во Европската унија, за текот на процесот на пристапување на Република Македонија кон Европската унија, како и за преземените активности во насока на реализација на одредниците и активностите на Владата на Република Македонија.

Скицата за реализација на препораките содржани во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2008 година, претставува политички, административен и институционален одговор на препораките на Европската комисија за 2008 година и стратешка рамка комплементарна на процесот на реализација на одредниците од Партнерството за пристапување, утврдени од страна на Евроспката комисија како услов за добивање на датум за преговори.

Одржувањето на висок степен на усогласеност и политички консензус е од стратешко значење за остварување на стратешките цели на Република Македонија за 2009 година, вклучително и за добивање на препорака од Европската комисија за почеток на преговори со Европската унија.

Во расправата по Извештајот со свои забелешки и коментари учествуваа Радмила Шекеринска, претседател на Советот, Силвана Бонева, потпретседател на Советот, проф. д-р Владо Камбовски претставник на Македонската академија на науките и уметностите, Кенан Хасипи пратеник и Тито Петковски, пратеник.

На истата седница, Националниот совет за евроинтеграции ги усвои заклучоците од Јавната расправа по Предлог-законот за меѓуопштинска соработка, што се одржа на 19 мај 2009 година.

  дневен ред             заклучоци               записник

Петта седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции на седницата одржана на 6 мај 2009  година ја разгледа Националната програма за усвојување на правото на ЕУ- ревизија 2009 година.

Националната програма претставува клучен и интегрален документ за процесот на интерација на Република Македонија во Европската унија кој ја одразува динамиката на усогласување на националното законодавство со европското како и динамиката за јакнењето на административните капацитети, односно прилагодувањето на националните институции кон европските административни структури.

 Националната програма ја следи структурата на Копенхагенските и на Мадридските критериуми, односно поделена е на политички критериуми, економски критериуми, способноста да се преземат обврските кои произлегуваат од членството, јакнење на административните капацитети за пристапување во Европската унија и информирање и комуникација со јавноста за процесот на интегрирање на Република Македонија во Европската унија.

Секоја од наведените точки ја прикажува тековната состојба во однос на постоечките административни капацитети и законодавството во одредено подрачје или поглавје, како и планираните краткорочни и среднорочни приоритети и активности во однос на административното зајакнување и усогласување на законодавството во одредено подрачје или поглавје.
Составен дел на Програмата се и четирите анекси. Во првиот прилог е даден преглед на националните правни акти кои се предмет на усогласување со законодавството на Европската унија. Предвидено е во 2009 година да се донесат вкупно 100 закони во европски контекст, а во наредниот период уште 67 закони. Вториот прилог се однесува на потребното кадровско зајакнување на институции и поглавја за период од 2009-2011 година.

Третиот прилог ги содржи проектираните буџетски средства за период од 2009-2011 односно преглед на обезбедени буџетски средства за финансирање на приоритетите и активностите. Четвртиот преглед ја опфаќа тековната и планираната странска помош, односно обезбедени донаторски средства за финансирање на приоритетите и активностите кои произлегуваат од Националната програма.


 дневен ред                    заклучоци               записник            стенографски белешки             

Четврта седница на Националниот совет за евроинтеграции

 

дневен ред             записник

Третта седница на Националниот совет за евроинтеграции

 

  дневен ред                   записник

Втора седница на Националниот совет за евроинтеграции

 

 дневен ред             записник

Прва седница на Националниот совет за евроинтеграции

 

 дневен ред             записник

Click