Петок, 30 октомври 2009 година

Прифатено барањето на Вацлав Клаус за Лисабонскиот договор

На Самитот на Европската унија во Брисел, претставниците на 27-те земји-членки на ЕУ го прифатија барањето на Чешка да биде изземена од Повелбата за човекови права која е составен дел од Лисабонската спогодба.



Четврток, 29 октомври 2009 година

Самит на ЕУ во Брисел

На 29 и 30 октомври во Брисел ќе се одржи Самит на Европската унија, на кој лидерите на земјите-членки главно ќе расправаат за глобалното затоплување и иднината на Лисабонскиот договор, кој не може да стапи на сила сè додека не биде потпишан од сите земји-членки на ЕУ, а единствено недостасува потписот на чешкиот претседател Вацлав Клаус. 



Вторник, 20 октомври 2009 година

Европарламентот го поддржа Извештајот за визна либерализација

Комитетот за граѓански слободи, правосудство и внатрешни работи на Европскиот парламент, синоќа во Стразбур со огромно мнозинство гласови го поддржа Извештајот за визна либерализација за Македонија, Србија и Црна Гора од 1 јануари 2010 година. Против гласал само еден европратеник, додека двајца биле воздржани.



Вторник, 20 октомври 2009 година, Брисел

Одбележување на Европскиот ден за борба против трговија со луѓе

Претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Луис Марија де Пуч, ја повика Европската унија да се приклучи на Конвенцијата за борба против трговијата со луѓе, како дел од одбележувањето на Европскиот ден против трговија со луѓе од 19 до 20 октомври во Брисел.



Понеделник, 19 октомври 2009 година

Конференција за поддршка на проширувањето на ЕУ

Шведска, како претседавач со Европската унија и Европската комисија денеска ќе одржат заедничка конференција за поддршка на проширувањето на ЕУ. На конференцијата ќе се расправа за финансиската помош која Унијата преку Инструментот за претпристапна помош (IPA) им ја дава на земјите-кандидатки за членство во Унијата (Македонија, Хрватска и Турција) и потенцијалните земји-кандидатки (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија) со цел да им помогне во плаќањето на реформите со кои ќе се приближат до ЕУ стандардите.



Петок, 16 октомври 2009 година

Европската унија го одбележува Светскиот ден на храната

Денеска, на 16 октомври, во Европската унија се одбележува Светскиот ден на храната, со цел подобрување на пристапот до храна низ целиот свет. Со обврската донесена на Самитот на Г-8 во Аквила за помош од над 2 милијарди евра како дополнение на проектот „Една милијарда евра на ЕУ за пристап до храна“, Унијата е најголемиот светски соработник за глобална сигурност за храна.



Вторник, 13 октомври 2009 година, Стразбур

Пленарна сесија на Конгресот на локалните и регионални власти на Советот на Европа

Од 13 до 15 октомври Конгресот на локалните и регионални власти на Советот на Европа ќе ја одржи 17. пленарна сесија во Стразбур, како дел од подготовките во пресрет на декемвриската конференција на ООН во Копенхаген посветена на климатските промени.



Вторник, 13 октомври 2009 година

Полска го ратификуваше Лисабонскиот договор

Претседателот на Полска, г.Лех Качински, на 10 октомври го потпиша указот за Лисабонскиот договор, со што се комплетираше ратификацијата на европскиот реформски договор во оваа земја. На тој начин, од 27-те земји-членки на ЕУ, сега недостига само уште потписот на чешкиот претседател г.Вацлав Клаус, за да може Договорот од Лисабон да стапи на сила.



Петок, 9 октомври 2009 година

10 октомври – Европски ден против смртната казна

Откако на 26 септември 2007 година, Комитетот на министрите на Советот на Европа реши покрај светски, 10 октомври да стане и Европски ден против смртната казна, овој ден се одбележува како прилика да се промовира кампањата за укинување на смртната казна ширум светот.



Среда, 7 октомври 2009 година

Октомвриска пленарна сесија во Брисел

Исходот од референдумот за Лисабонскиот договор во Ирска ќе биде тема на расправа од страна на политичките групи на Европскиот парламент на 7 и 8 октомври со претседателот на Европската комисија, г. Жозе Мануел Баросо и на Советот, шведскиот премиер г.Фредерик Рејнфелд.

Слобода на информацијата во Италија ќе биде предмет на дебата помеѓу членовите на Европарламентот и Комисијата. Гласањето по ова прашање е на следната пленарна сесија во Стразбур од 19 до 22 октомври.

Европратениците ќе го разгледаат влијанието на финансиската криза и создавањето на  нов орган за оценување на мерките, преземени од ЕУ и нејзините земји-членки. Одлуката за создавање на нова 45-члена комисија ќе биде ставена на гласање  утре, а Комисијата ќе мора да ја заврши работата во рок од една година.

Евроизбраниците сакаат да им помогнат на најсиромашните земји во текот на глобалната криза, па Парламентот ќе гласа за резолуција која се повикува на реформи на меѓународните финансиски институции и други мерки.



Среда, 7 октомври 2009 година, Стокхолм

Самит ЕУ – Бразил: Со заеднички сили до успех во Копенхаген

Климатските промени и енергијата беа основните теми на кои се расправаше на Самитот на Европската унија и Бразил, кој вчера се одржа во Шведска. Домаќинот на средбата - шведскиот премиер г.Фредрик Рејнфелд, претседателот на Бразил, г.Лула да Силва и претседателот на Европската комисија, г.Жозе Мануел Баросо, се договорија да работат на намалување на емисиите на јаглерод диоксид и се согласија наскоро да остварат подготвителна средба во пресрет на декемвриската конференција за климата во Копенхаген.



Понеделник, 5 октомври 2009 година

Самит ЕУ – Бразил во Стокхолм

Утре во Стокхолм ќе се одржи третиот самит меѓу ЕУ и Бразил во рамките на стратешкото партнерство, кое беше воспоставено на првиот самит во Лисабон во јули 2007 година.



Понеделник, 5 октомври 2009 година

Ирците рекоа „да“ за Лисабонскиот договор

На вториот референдум за Лисабонскиот договор во Ирска, 67,13% од граѓаните гласаа за негова поддршка, а 32,87% не го поддржаа. Само во две од вкупно 43 изборни места, европскиот реформски договор доби преовладувачко „не“.

Click