Вторник, 30 јуни 2009 година

Германскиот уставен суд даде зелено светло за Лисабонскиот договор, но ја одложи неговата ратификација

Уставниот суд на Германија донесе одлука дека Лисабонскиот договор е во согласност со германскиот Устав, но сe уште не може да се ратификува поради тоа што се потребни подобрувања во делот на правата на Бундестагот околу прашања на Европската унија. Лисабонскиот договор ќе биде ратификуван дури откако ќе биде променет Придружниот закон, кој го следи Лисабонскиот договор.



Вторник, 30 јуни 2009 година, Совет на Европа

Паневропска кампања против дискриминацијата

Советот на Европа во Мадрид ја започна новата паневропска кампања против дискриминацијата. Шпанската метропола дава силна поддршка на кампањата и придонесува со поставување на плакати на видливи места низ целиот град. Под мотото „Да се зборува против дискриминацијата“, кампањата е насочена кон широката јавност.



Понеделник, 29 јуни 2009 година

Нова кампања за борба против дрогата

Европската унија ги повика сите Европејци да се приклучат во новата кампања против дрогата, која има за цел да се бори за луѓето, а стартуваше на 26 јуни на церемонија организирана од Обединетите нации, по повод Денот на борбата против злоупотреба на наркотици. Дваесет и една организација веднаш се пријави за учество во кампањата за подигнување на свеста за опасноста од злоупотребата на наркотични супстанци.



Петок, 26 јуни 2009 година, Стразбур

Парламентарното собрание на Советот на Европа бара „Партнер за демократија“

Парламентарното собрание на Советот на Европа се залага за создавање нов статус „Партнер за демократија“ за парламентите на земјите соседи на зоната на Советот на Европа, под услов да прифатат да работат според критериуми и вредности како што се слободни избори и укинување на смртната казна.



Петок, 26 јуни 2009 година, Совет на Европа

Меѓународен ден за поддршка на жртвите од тортура

Денеска се одбележува Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од тортура. Според членот 3 од Европската конвенција за човекови права, „никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување“. Оваа статија е инспирирана во 1987 година како нацрт-план на Европската конвенција за превенција од тортура, нечовечко или понижувачко постапување или казнување. Европскиот комитет за превенција од тортура ги има разработено деталните стандарди за определување на критериумите, според кои третманот на затворениците и условите во затворот треба да бидат рагледувани согласно човековото достоинство.



Четврток, 25 јуни 2009 година

„Меѓународната заедница има морална обврска да не ги затвора очите пред случувањата во Иран“

По средбата со иранската добитничка на Нобеловата награда за мир, Ширин Евади, претседателот на Европскиот парламент, г-дин Ханс-Герт Петеринг, изрази подготвеност да предводи делегација на ЕП во Иран.



Четврток, 25 јуни 2009 година, Европска комисија

План за подобра заштита од развиениот тероризам

Европската унија претстави план за превентивно делување против зголемената опасност од терористички напади со хемиско, биолошко и нуклеарно оружје. Досега при повеќето терористички напади ширум светот беа користени експлозиви и оружје, но новите разузнавачки податоци покажуваат дека терористичките групи сакаат да користат ново оружје кое предизвикува поголема штета. Опасноста од терористички напади се зголемува заедно со напредокот на оружените технологии и зголемената законска употреба на хемиски, биолошки и нуклеарни материјали.



Среда, 24 јуни 2009 година, Стразбур

Парламентарното собрание на Советот на Европа ја додели наградата за човекови права

Парламентарното собрание на Советот на Европа на летната седница, која се одржува од 22 до 26 јуни во Стразбур, на организацијата „British Irish Rights Watch“ ѝ ја додели годишната награда за делување во одбрана на човековите права во граѓанското општество.



Вторник, 23 јуни 2009 година

Европски конзервативци и реформатори - нова партија во Европскиот парламент

Во Европскиот парламент е создадена нова политичка група – Европски конзервативци и реформатори, која вклучува 55 пратеници од осум земји-членки на Европската унија: Велика Британија, Полска, Чешка, Белгија, Финска, Унгарија, Летонија и Холандија.



Вторник, 23 јуни 2009 година, Брисел

„Зелена седмица“ за заштита на околината

Од 23 до 26 јуни ќе се одржи таканаречената „Зелена седмица“ под мотото „Да се дејствува и прилагоди“, чија цел е да ги поттикне луѓето да зборуваат за еколошките прашања. Брисел е градот домаќин на конференцијата на која клучна тема ќе биде како до 2050 година да се создаде „carbon-free“ општество и да се заштити околината од климатските промени.



Понеделник, 22 јуни 2009 година

Претседателот на Европарламентот го поздрави давањето гаранции на Ирска за Лисабонскиот договор

Претседателот на Европскиот парламент, г-дин Ханс-Герт Петеринг, го поздрави давањето на гаранциите на Ирска од страна на 27-те земји-членки на Европската унија, кои го отворија патот за втор референдум во оваа земја и целосна ратификација на Лисабонскиот договор.



Понеделник, 22 јуни 2009 година, Стразбур

Летна седница на Парламентарното собрание на Советот на Европа

Состојбата на човековите права во Европа, со акцент на потребата да се искорени неказнивоста, е само една од темите кои ќе се најдат на дневниот ред на летната седница на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која ќе се одржи од 22 до 26 јуни во Стразбур.



Петок, 19 јуни 2009 година, Брисел

ЕУ и Ирска се договорија за гаранциите за Лисабонскиот договор

На вториот ден од Самитот во Брисел, Ирска и Европската унија успеаја да се договорат за гаранциите, коишто имаат за цел да ги убедат Ирците да го поддржат Лисабонскиот договор. Договорот предвидува ирските граѓани да ги добијат своите гаранции во правно-обврзувачки протокол, којшто земјите-членки на ЕУ ќе го ратификуваат.



Петок, 19 јуни 2009 година, Брисел

Поддржана кандидатурата на Жозе Мануел Баросо

Лидерите на 27-те земји-членки на Европската унија се согласија да ја поддржат кандидатурата на актуелниот претседател на Европската комисија Жозе Мануел Баросо за нов петгодишен мандат. Реизборот на г-дин Баросо треба да го потврди Европскиот парламент, кој на 9 јули ќе одлучи дали ова перашање ќе биде на дневниот ред на седницата пред летната пауза.



Четврток, 18 јуни 2009 година, Брисел

Дводневен самит на Европската унија

Во Брисел започнува дводневен самит на лидерите на 27-те земји-членки на Европската унија, на кој како најважни теми ќе се најдат гаранциите за Ирска за Лисабонскиот договор и нов претседател на Европската комисија.



Четврток, 18 јуни 2009 година, Тромзо, Норвешка

Потпишана Конвенција за право на пристап до службени документи

Дванаесет земји-членки на Советот на Европа, меѓу кои и Република Македонија, на 29-та Конференција на европските министри за правда во Тромзо, Норвешка, потпишаа Конвенција за право на пристап до службени документи. Ваквата Конвенција е прв меѓународен правен инструмент од ваков тип, што од една страна е значаен во остварувањето на основните човекови права, а од друга страна го јакне легитимитетот на јавните власти во очите на јавноста и нејзината доверба во нив.



Среда, 17 јуни 2009 година

Кој ќе биде новиот претседател на Европарламентот?

Првата задача за членовите на Европскиот парламент на 14 јули ќе биде да изберат нов претседател, кој ќе биде нивното лице во јавноста. Политичките партии сè уште не излегле со официјални имиња, но во нивните редови веќе кружат неколку потенцијални наследници на г-дин Ханс-Герт Петеринг.



Среда, 17 јуни 2009 година, Совет на Европа

Конференција за борба против семејното насилство

Министрите за правда од 47 земји-членки на Советот на Европа, на 18 и 19 јуни во Тромзо, Норвешка, ќе одржат конференција на која ќе расправаат за изнаоѓање начини за зајакнување на европското правосудство со цел поефективни дејства против семејното насилство и нарушувањето на мирот, како и поддршка за жените жртви. На конференцијата ќе се одржи и предавање за децата кои се наоѓаат во затвор.



Среда, 17 јуни 2009 година, Европска комисија

Нееднаквост на половите на пазарот на трудот

Рецесијата би можела потешко да ја погоди работата на жените, отколку на мажите. Студијата на Европската унија предупредува на разликите меѓу половите на пазарот на трудот. И во овие времиња, невработеноста и сиромаштијата се позастапени кај жените, отколку кај мажите. Ова е затоа што околу 1/3 жени работат со скусено работно време, вклучувајќи ги тука и привремените договори, што значат несигурно вработување.



Вторник, 16 јуни 2009 година

За што сè ќе расправа новиот Европски парламент?

Европскиот парламент во новиот, седми мандат, кој ќе трае од 2009 до 2014 година, во законодавниот дневен ред на новите 736 членови вклучува низа важни прашања, меѓу кои и проширувањето на Европската унија, кон што тежнее Република Македонија.



Вторник, 16 јуни 2009 година, Совет на Европа

Зошто Европските семејства го ограничуваат бројот на децата?

Статистиката покажува дека луѓето во Европа кои сакаат да имаат повеќе деца, ја пропуштаат или ја ограничуваат таа желба поради неповолните социјални, економски и други фактори. Министрите задолжени за семејни работи од поголем број земји-членки на Европската унија ќе учествуваат на голема конференција – Јавна политика за поддршка на желбата да се има деца: социјални, економски и приватни фактори, со цел да се испита најдобрата политика за помош на луѓето кои сакаат да имаат деца.



Вторник, 16 јуни 2009 година, Луксембург

Изнесена препорака за безвизен режим за Западен Балкан

Шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Европската унија изнесоа препорака за укинување на визниот режим за земјите од Западен Балкан, кои ги исполниле потребните критериуми. Министрите ја реафирмираа поддршката за визна либерализација за Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.



Понеделник, 15 јуни 2009 година, Луксембург

Расправа за визна либерализација на Западен Балкан

Советот на министри на земјите-членки на Европската унија денеска во Луксембург ќе одржи состанок на кој, меѓу другото, ќе се разговара за визната либерализација на земјите од Западен Балкан. Ќе биде презентиран Извештајот на Европската комисија во кој се наведуваат оценките за напредокот на секоја земја од регионот, односно за Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија.



Петок, 12 јуни 2009 година, Европска комисија

Заедничка стратегија За делување на полето на внатрешната безбедност, миграцијата и полицијата

Тероризмoт, заштитата при користењето на интернетот, организираниот криминал и граничната контрола се дел од прашањата содржани во новиот документ на Комисијата, поставени на дебатата за програмата на Европската унија во областа на законите и општествениот ред во следните пет години. Таканаречената „Стокхолмска програма“ ќе ја замени сегашната „Хашка програма“, чиј рок истекува во декември.



Четврток, 11 јуни 2009 година

Агенда на новиот Европарламент

Новоизбраниoт Европски Парламент ќе започне со работа на 14 јули, но веќе се познати точките коишто ќе се најдат на дневниот ред на европратениците. Најважната расправа за Република Македонија секако е присоединувањето на нови членки кон Европската унија, кон што тежнее нашата земја. Се очекува прашањето за визната либерализација за земјите кои ќе добијат препорака од Европската комисија да се најде пред европарламентарците наесен.



Среда, 10 јуни 2009 година

Резултатите од евроизборите без драстични промени

Европските избори завршија, а победата ја однесе Европската народна партија (Демохристијани) и европските демократи. Резултатите сe уште се менуваат, но нема драстични измени од првично соопштените.



Вторник, 9 јуни 2009 година

Десницата останува водечка сила во Европарламентот

Најголема политичка група во Европскиот парламент и по изборите останува да биде десницата. Европската народна партија (Демохристијани) и европските демократи се апсолутни победници на евро-изборите со освоени 264 парламентарни места, односно 35,9% од гласовите.



Понеделник, 8 јуни 2009 година

Европската народна партија и Европските демократи со најмногу гласови на евроизборите

Европејците кои гласаа на европските избори од 4 до 7 јуни, најмногу гласови им дадоа на Европската народна партија (Демохристијани) и Европските демократи. Според последните изборни информации, со 36% од гласовите, оваа парламентарна група ќе добие 265 од вкупно 736 места во Европарламентот. Втора по бројот на гласови, односно со 22%, е Партијата на европските социјалисти, која ќе брои 162 пратеници. 10,9% од гласовите доби Партијата на европските либерали и демократи, доволно за 80 парламентарни места.



Четврток, 4 јуни 2009 година

Европејците гласаат за седмиот мандат на Европскиот парламент

Дваесет и седум земји, 375 милиони Европејци со право на глас, од денес па до крајот на викендот ќе го изберат седмиот парламентарен мандат. Европскиот парламент, кој е единствената европска институција избрана директно од народот, со нов состав од вкупно 736 пратеници ќе заседава наредните пет години во Брисел и Стразбур.



Среда, 3 јуни 2009 година

Сè е подготвено за старт на европските избори

Избирачи од 27 држави од 4 до 7 јуни ќе гласаат на најголемите повеќенационални избори - европските избори. Речиси 375 милиони Европејци се повикани да ги изберат европратениците кои ќе ги коваат европските закони во наредните пет години.

Click